„Треба да работиме како мравките, да се организираме како пчелите и да се браниме како осите“ – оваа порака, според сведоштвото на првиот министер за одбрана на независна Македонија, Трајан Гоцевски, му ја оставил генералот и академик Михајло Апостолски на нивната последна средба во Дојран.
Во разговор за 4ТВ, Гоцевски открива детали од долгогодишната соработка со Апостолски, кого го опишува како една од клучните личности во неговата професионална кариера, но и како човек кој уште во времето на поранешна Југославија размислувал за иднината на Македонија.
Според Гоцевски, Апостолски сметал дека Македонија мора да изгради сопствено воено образование и сопствено воено раководство, како важни предуслови за идната државна самостојност.
„Армиите се еден од столбовите на независноста на државата“, сведочи Гоцевски, пренесувајќи го ставот на Апостолски дека на Македонија историски не ѝ било овозможено да изгради сопствен систем на воено образование.
Особено силно, вели Гоцевски, му останала во сеќавање последната средба со генералот во Дојран. Тогаш Апостолски му упатил порака која, според неговото сведоштво, подоцна му станала своевиден водич.
„Треба да работиме како мравките, да се организираме како пчелите и да се браниме како осите.“
Гоцевски објаснува дека мравката за Апостолски била симбол на истрајност и способност да носи неколкупати повеќе од сопствената тежина. Пчелите, пак, ги посочувал како пример за организираност, додека осите биле симбол на брза и ефикасна одбрана.
На средбата, според Гоцевски, Апостолски зборувал и за сложената геополитичка положба на Македонија, посочувајќи дека соседните држави имаат свои интереси и аспирации кон земјата.
Зборовите на генералот, како што вели Гоцевски, останале присутни и во периодот по осамостојувањето на Македонија.
Како прв министер за одбрана, тој подоцна учествувал во процесите за формирање на Воената академија и во воспоставувањето на системот на воено образование во земјата.
Гоцевски оценува дека со тоа, барем делумно, го исполнил аманетот што му го оставил неговиот ментор Михајло Апостолски.