Македонија

Девет возачи приведени за безобѕирно управување, еден возел со 2,37 промили

Девет возачи приведени за безобѕирно управување, еден возел со 2,37 промили
Фото: 4news.mk

Девет возачи се лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие поради „безобѕирно управување со возило“, информира Министерството за внатрешни работи.

Од приведените, четворица возачи биле под дејство на алкохол. Станува збор за лица од Куманово, Скопје и Делчево, а кај еден од нив, кој управувал мотоцикл, биле измерени дури 2,37 промили алкохол во крвта.

Уште четворица возачи биле затекнати како управуваат возило без положен возачки испит. Тие се од Гостивар, Тетово, Куманово и Скопје. Меѓу нив има и малолетник од Гостивар, додека возачот од Тетово управувал мопед без да има положено возачки испит.

Полицијата лишила од слобода и возач од Виница, кој управувал моторно возило и покрај активната забрана за управување.

Од МВР посочуваат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Министерството продолжува со засилените сообраќајни контроли, со цел санкционирање на возачите кои со неодговорното однесување ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот.

Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите и одговорно да се однесуваат со цел да се спречат сообраќајни незгоди и да се зголеми безбедноста на патиштата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни