Повеќе од 60 лица се ангажирани во гаснењето на пожарот кај селото Белица во општина Македонски Брод, кој и натаму е активен. На терен се екипи на Дирекцијата за заштита и спасување и тимови на ЈП „Јасен“, кои работат на спречување на ширењето на огнот.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информира дека во гаснењето учествуваат тимови од Скопје и од Македонски Брод.
Според Ангелов, селото Белица не е загрозено бидејќи огнот е на безбедна оддалеченост од населеното место. Тимовите на ДЗС со пинцгауери, заедно со доброволци кои користат дувалки, работат на создавање противпожарни појаси на критичните места, особено таму каде што постои опасност огнот да навлезе во квалитетна борова шума.
Во меѓувреме, состојбата со пожарите на отворен простор низ државата и натаму е сериозна. Според последните податоци од Центарот за управување со кризи, до 13 часот се регистрирани вкупно 12 пожари, од кои пет се активни, пет се под контрола, а два се изгаснати.
Дополнителна помош во стабилизирањето на состојбата се очекува од врнежите. Од Управата за хидрометеоролошки работи информираа дека во западните делови има нестабилност со поинтензивни врнежи во Кичевскиот регион и во северозападните планински предели.
Нестабилноста се движи од југозапад кон североисток, што може да донесе дополнителни врнежи во погодените подрачја.