Во реката Треска е забележано угинување на риба, а од спортско-риболовното здружение „Хантер Фиш“ синоќа преку социјалните мрежи побараа итна реакција од надлежните институции и целосно утврдување на причините за настанот.
Од здружението соопштуваат дека состојбата е загрижувачка и дека мора без одлагање да се проверат сите можни фактори што може да доведат до ваков случај, особено потенцијално загадување или друга интервенција што го загрозува живиот свет во реката.
Тие бараат веднаш да се земат примероци од водата и од угинатите примероци на риба, по што да се направат лабораториски анализи со цел да се утврди точната причина за угинувањето.
Од „Хантер Фиш“ дополнително нагласуваат дека е неопходно да се преземат конкретни мерки за заштита на реката Треска и нејзиниот екосистем. „Водата е богатство на сите нас, а реката Треска е еден од најважните водни екосистеми во Кичево. Секое загадување, труење или друга интервенција што го загрозува животот во реката мора детално да се испита и да се утврдат причината и одговорноста. Не смееме да дозволиме уште еден ваков случај да помине без одговор. Реката Треска не е канал за отпад – таа е живот“, порачаа од здружението.
Здружението апелира институциите итно да постапат и да ја информираат јавноста за резултатите од анализите и за преземените мерки.