Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува надлежните органи да обезбедат соодветна правна разврска за заканите упатени кон него преку социјалните мрежи, откако Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против 39-годишен жител на селото Черкези.
Мицкоски соопшти дека за заканите дознал вчера и открил што содржеле. „Дознав за тие закани што се напишани на социјалните мрежи од ова лице – дека сум бил свиња и дека ќе ме колел на плоштад. Упатил и пцовки кон мене и моето семејство. Јас сум сепак институција, кога не би бил ова – знам како се решаваат тие работи“, рече премиерот.
Тој додаде дека надлежните институции постапуваат согласно законските овластувања и дека осомничениот веќе е обезбеден од страна на полицијата.
Од Основното јавно обвинителство Куманово информираа дека до судија на претходна постапка е поднесен предлог за определување притвор поради опасност од бегство, а особено поради тоа што лицето се јавува како извршител и на други кривични дела од областа на насилниот криминал, меѓу кои насилство и лихварство, како и поголем број прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир.
Според Обвинителството, станува збор за конфликтна личност која влегува во чести расправии, упатува закани и влегува во физички пресметки со пријавители, поради што се оценува дека постои реален ризик ваквото агресивно однесување да прерасне во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици.
Мицкоски изрази надеж дека правосудниот систем ќе ја доврши постапката и дека осомничениот ќе биде спроведен онаму каде што му е местото.