Македонија

Гаши не очекува предвремени избори

Гаши не очекува предвремени избори

Предвремените парламентарни избори повторно се најдоа во центарот на политичките разговори, но собранискиот спикер Африм Гаши не очекува тие да се одржат. Според него, во државата нема да има предвремени парламентарни избори.

Гаши ова го кажа на денешниот брифинг со новинарите, посочувајќи дека неговото уверување се темели и на политичката интуиција, но и на изјавите што во изминатите денови ги даваат политичките субјекти.

На денешната редовна координација со координаторите на пратеничките групи било отворено и прашањето за Изборниот законик. Гаши информираше дека со претставникот на Левица разговарале за законот, особено во контекст на ставовите што оваа партија ги изнесе во врска со предвремените избори.

Според собранискиот спикер, потребно е комуникацијата да продолжи, а доколку постои подготвеност, работната група во Собранието и координаторите на пратеничките групи треба повторно да разговараат за Изборниот законик.

Гаши се осврна и на разговорите за законот за правична застапеност. Тој рече дека има комуникација со лидерите на политичките партии, но демантираше дека меѓу нив е и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Темата за евентуални предвремени парламентарни избори ја отвори премиерот Христијан Мицкоски минатата недела. Одговарајќи на новинарско прашање на 11 септември, тој порача дека доколку опозицијата поднесе иницијатива во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи.

„Оваа влада ја доби довербата од граѓаните да го води мандатот од четири години. Имаме редовни избори во април 2028 година, но ако опозицијата поднесе бара во парламентот за предвремени избори, ние сме тука, ќе одговориме позитивно, ќе имаме избори и ќе ги победиме“, рече Мицкоски.

По оваа изјава, опозициската ДУИ ја поздрави подготвеноста на ВМРО-ДПМНЕ да учествува на предвремени парламентарни избори доколку во Собранието биде поднесено такво барање.

Од партијата порачаа дека подготвеноста за барање решенија преку институциите и преку волјата на граѓаните е одговорност која, според нив, треба да се поздрави.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни