Македонија

Кумановецот кој му се закануваше на премиерот Мицкоски доби осум дена притвор

Кумановецот кој му се закануваше на премиерот Мицкоски доби осум дена притвор

Осумдневен притвор му е определен на А.Д. од селото Черкези, кумановско, поради сомнение дека преку социјалните мрежи упатил закана кон претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Од СВР Куманово информираат дека Отсекот за компјутерски криминал, во содејство со Секторот за компјутерски криминал и Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ, поднел кривична пријава по брза постапка против лицето поради сомнение за сторено кривично дело „Загрозување на сигурноста“ по член 144 став 5 од Кривичниот законик.

Според пријавата, на 11 септември годинава, А.Д. оставил коментар со заканувачка содржина на објава на профилот на социјална мрежа на претседателот на Владата.

По предлог на надлежните, судија на претходна постапка му определил мерка притвор во траење од осум дена.

Мицкоски денеска откри дел од содржината на пораките што, според него, биле упатени кон него и неговото семејство.

„И јас вчера дознав за тие закани, дека сум бил свиња и дека ќе ме колел на плоштад, и упатил пцовки кон мене и моето семејство“, рече Мицкоски.

Случајот го преземаат надлежните институции, кои треба да ги утврдат сите околности поврзани со објавената закана.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни