Државниот завод за ревизија утврди низа слабости во планирањето, спроведувањето и реализацијата на јавните набавки во АД ЕСМ – Скопје. Според наодите, постапките и извршувањето на договорите не се усогласени во сите материјални аспекти со важечката законска и подзаконска регулатива, како и со сопствените планови и договорни обврски.
Ревизијата опфати 27 постапки за јавни набавки, од кои две се спроведени во 2022 година, деветнаесет во 2023 година и шест во 2024 година. По овие постапки, во 2024 година биле преземени обврски во вкупен износ од 8.858.194 илјади денари, односно околу 143,6 милиони евра.
Слабостите се евидентирани уште во фазата на планирање. Годишниот план за јавни набавки бил изготвен врз основа на претходно склучени договори, без соодветно истражување на пазарот и без искористување на законската можност за технички дијалог. Констатирани се и неосновано определување на проценетата вредност и недоволно аналитички пристап при утврдувањето на потребите на друштвото. Иако било донесено упатство за спроведување на набавките, тоа не содржело прецизни насоки за утврдување на потребите, количините и проценетата вредност, поради што во текот на 2024 година биле донесени 19 одлуки за измени на Годишниот план. Според ревизорите, ова негативно влијае врз ефикасноста, финансиското планирање, роковите, транспарентноста и предвидливоста на постапките.
Ревизорите потврдиле и дел од состојбите наведени во Извештајот за црвени знаменца за 2024 година на Бирото за јавни набавки, меѓу кои значителен број измени и дополнувања на огласите и тендерската документација, како и поништени и обжалени постапки. Дел од анализираните набавки се однесувале на договори со шест економски оператори, кои сочинуваат над 70 отсто од вкупната вредност на договорите склучени во 2024 година, како и на постапки со само една поднесена понуда. Овие состојби, според Државниот завод за ревизија, укажуваат на ограничена конкуренција, слабости во подготовката на документацијата, намалена транспарентност и зголемен ризик од неекономично и неефикасно користење на јавните средства.
Кај постапката со преговарање без објавување оглас за набавка на гасен мотор, ревизорите не можеле да ја потврдат оправданоста на повикувањето на крајна итност. Иако бил исплатен значителен дел од договорната вредност – 153.283 илјади денари (околу 2,48 милиони евра) – моторот не бил ставен во функција и подолг период бил складиран без обезбедени предуслови за користење.
Утврдени се и набавки на стоки и услуги кои не биле искористени или не биле целосно реализирани. За набавка на адитив биле платени 141.600 илјади денари (околу 2,29 милиони евра), при што најголемиот дел останал неискористен и му истекол рокот на употреба. Дополнително, биле платени 106.200 илјади денари (околу 1,72 милиони евра) за активности за дислокација на опрема која не била ставена во употреба.
Во делот на осигурителните услуги, ревизијата опфати постапка спроведена во 2022 година, поделена на десет дела, по која во 2023 година биле склучени договори за шест дела во вкупна вредност од 355.486 илјади денари (околу 5,8 милиони евра), со рок на реализација од две години. Со анекси, вредноста на договорите за три дела била зголемена за 68.204 илјади денари, иако Стручната комисија оценила дека понудените цени не се пазарни, а пред истекот нивното времетраење било дополнително продолжено. Во полисите бил наведен и агент-посредник, иако посредувањето не било предвидено во тендерската документација, а не била обезбедена ниту документација за обемот и придобивките од посредувањето.
Слабости се утврдени и во техничките спецификации и условите за докажување на способност. Во поединечни случаи спецификациите биле поставени на начин што можел да упатува на конкретен дизајн, марка или овластен производител, додека условите за финансиска, техничка и професионална способност не секогаш биле сразмерни со предметот на набавката. Кај дел од постапките не била извршена целосна и детална проверка на доказите за исполнување на условите, а кај испорачаните стоки и услуги во одредени случаи недостасувала соодветна техничка, атестна и друга веродостојна документација. Забележани се и случаи на прифаќање суштински измени на техничките карактеристики по испораката, што, според ревизорите, го доведува во прашање еднаквиот третман на економските оператори и регуларноста на постапките.
При реализацијата на договорите, во одделни случаи тие биле менувани со анекси без доволно уверливо образложение, а за одредени услуги немало документација со која би се потврдиле оправданоста и обемот на извршените активности. Ревизорите утврдиле и надминување на законскиот вредносен праг за набавки без спроведување постапка во 2024 година, во износ од 81.644 евра, што, според нив, укажува на потреба од правилно толкување на Законот за јавните набавки и воспоставување соодветни контроли.
Во извештајот се дадени препораки чија реализација, според Државниот завод за ревизија, треба да придонесе за поголема транспарентност и конкуренција, подобар квалитет на набавките и поекономично, поефикасно и поефективно користење на јавните средства во АД ЕСМ – Скопје.