Одбраната во случајот против судијата Ѓоко Ристов денеска започна со изведување на своите сведоци, а прв пред судот сведочеше адвокатот Александар Варела, кој ги застапува родителите на Ристов и кој присуствувал на претресот во нивната куќа во Неготино, објави весникот „Вечер“.
Варела сведочел дека бил повикан од братот на Ристов да присуствува на претресот во домот на Здравко и Донка Ристови. Според неговиот исказ, полицијата извршила детален претрес на куќата и помошните простории, при што биле проверувани плакари, фиоки, просторот под креветите, оставата, бочви со вино и ракија, замрзнувач, гаража, резервни гуми, како и просторот околу куќата.
Претресот продолжил и на катот од објектот, каде биле проверени четири соби, а во една од нив полицајците детално го пребарале и оџакот. Според сведочењето, била користена и дополнителна опрема за снимање, а се пребарувала и земјата околу куќата.
Како што објави „Вечер“, претресот продолжил и следниот ден, кога посебно внимание било посветено на кујната. Полицајците се посомневале во дел од плочките поради тапиот звук при удирање.
„Плочка при слабо удирање падна, не била добро залепена. Ги извадија петте што паднаа, па уште толку“, сведочел Варела.
Според неговиот исказ, во тој момент во просторијата бил и сопственикот на куќата, Здравко Ристов, кој побарал од полицајците да не ги кршат плочките бидејќи повторно ќе треба да ги лепи.
По отстранувањето на една од плочките бил забележан отвор во ѕидот од околу пет сантиметри. Варела сведочел дека, кога Здравко бил прашан што има внатре, одговорил: „Ај, бидна“.
На прашањето дали во отворот има динамит или дрога, Здравко, според сведочењето, одговорил: „Нема потреба, пари се“.
Полицајците потоа со камера го провериле просторот зад ѕидот и забележале сребрена фолија, по што почнале да ги вадат скриените пакувања.
Според сведокот, биле пронајдени вкупно 13 пакувања со пари, наредени едно зад друго, поради што морало да биде откршен и дел од ѕидот за да бидат извадени.
„Парите ги броеја на тепихот, немаа доволно хартиени ќеси да ги сместат“, изјавил Варела, додавајќи дека дел од пакетите биле завиткани во проѕирна фолија и целофан.
Адвокатот сведочел и за начинот на кој биле отворани пакувањата. Според него, фолиите и целофанот биле кинети и гмечени, а не биле раздвојувани на начин што би овозможил да се зачува нивната состојба. Парите биле ставани во посебни кеси, а фолиите биле издвојувани.
Варела пред судот изјавил дека подоцна го прашал Здравко зошто претходно не му кажал дека парите се скриени во ѕидот.
„Ми рече: ‘Не знаев дека ќе одат толку далеку, не сакав да знаат децата’“, сведочел адвокатот.
Според неговите зборови, на прашањето што ќе се случи со парите, Здравко одговорил: „Што сакаат нека прават, мои се парите“.
Оваа изјава, како што било кажано на рочиштето, била внесена и во записникот од претресот. Варела сведочел и дека Здравко подоцна му кажал оти станува збор за сума поголема од 350.000, иако претходно не му кажал дека во куќата има толку голема сума пари.
Во текот на сведочењето било отворено и прашањето за градежните зафати во куќата и за тоа кој ги поставувал плочките. Обвинителката го прашала сведокот за разликите меѓу изјавите за тоа кој ги изведувал работите. Според Варела, Здравко кажал дека цементот бил негов и дека самиот ги лепел плочките, додека обвинителството посочило дека во записникот било наведено оти градежни работи изведувал неговиот син.
На прашање од обвинителката дали Здравко пред почетокот на претресот бил прашан дали има нешто што треба да го пријави, сведокот одговорил дека немал што да пријави.
Варела оцени и дека просторијата во која биле пронајдени парите не била обезбедена на начин што целосно би го ограничил движењето на лица низ неа.
Според сведочењето, претресот завршил околу 19 часот, а информацијата за пронајдените пари набргу потоа била објавена во медиумите.
Одбраната ќе продолжи со изведување на своите докази и сведоци. Според „Вечер“, на следното рочиште се очекува да сведочат и поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој издржува затворска казна во предмет поврзан со барање поткуп, како и Љупчо Пецов – Ѓаволот, од кого, според наводите во предметот, биле барани пари за да не му биде определен притвор.