Македонија

Скопје останува најголемо жариште на западнонилска треска

Скопје останува најголемо жариште на западнонилска треска

Осум лица починаа од западнонилска треска во Македонија, додека бројот на регистрирани случаи достигна 65, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје заклучно со 15 септември.

Скопје и понатаму е најголемото жариште, со 60 регистрирани случаи. Најголем број инфекции има во општина Кисела Вода, особено во Драчево, како и на подрачјето на општина Гази Баба.

Надвор од главниот град, по два случаи се регистрирани во Велес, додека по еден случај има во Куманово, Свети Николе и Кавадарци.

Од вкупно 65 случаи, 60 се лабораториски потврдени, а пет се класифицирани како веројатни. Епидемиолошката истрага покажала дека 64 од инфекциите се автохтони, додека едно лице престојувало во Грција во периодот на инкубација.

Меѓу заразените доминираат мажите – регистрирани се 51 случај, што претставува 78,5 проценти од вкупниот број. Кај жените се евидентирани 14 случаи, односно 21,5 проценти.

Кај 63 пациенти се развила невроинвазивна форма на западнонилска треска, поради што било потребно болничко лекување. Од нив, 61 пациент бил хоспитализиран на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, а по еден пациент бил лекуван во приватните болници „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“.

Осум пациенти кај кои се развила невроинвазивна форма на болеста починале.

Од Институтот за јавно здравје укажуваат дека епидемиолошкиот надзор, контролата на популацијата на комарци и личната заштита од убоди се меѓу клучните мерки за спречување на ширењето на инфекцијата.

Паралелно со мерките за контрола на комарците, Град Скопје од 16 до 19 септември спроведува терестична дезинсекција против возрасни комарци. Прскањето е предвидено во периодот од 22 до 3 часот, доколку временските услови го дозволуваат.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни