Европа се соочува со сè поголеми разлики во опфатот со детска вакцинација, при што во повеќе земји се забележува пад на имунизацијата и зголемен ризик од повторно појавување на заразни болести кои долго време беа ставени под контрола.
Сеопфатна анализа на податоците за седум заразни болести во Европската Унија, во периодот од 1980 до 2024 година, покажува дека од 2019 година наваму, во 16 земји е регистрирано намалување на опфатот со најмалку четири клучни вакцини.
Најголем пад е забележан во Бугарија, Кипар, Ирска, Холандија, Романија и Шведска, каде што е намален опфатот кај сите седум анализирани вакцини.
Во Германија и Шпанија е регистрирано намалување кај пет од седумте имунизации. Франција и Италија, пак, успеале да го зголемат опфатот со четири вакцини, но кај три и понатаму се бележи пад.
Податоците покажуваат дека проблемот не е ограничен само на одредени делови од Европа, туку се забележува и во земји со развиени здравствени системи.
Луксембург и Португалија се меѓу земјите со највисок опфат, при што кај сите анализирани вакцини тој останува над 95 проценти – ниво кое се смета за потребно за одржување стабилен колективен имунитет.
Спротивно на тоа, во Романија опфатот паднал под 80 проценти, што го зголемува ризикот од појава на локални епидемии.
Неповолна е состојбата и во Македонија. Опфатот со првата доза на МРП-вакцината изнесува 62 проценти, што е значително под 95 проценти потребни за стабилен колективен имунитет. Дополнителен ризик претставуваат и соседните жаришта во Косово и Бугарија, каде што е регистриран пораст на бројот на заразени.
Според податоците на Министерството за здравство, намален опфат има и кај другите редовни вакцини. Кај вакцините против дифтерија, тетанус и полиомиелитис опфатот изнесува 79 проценти, додека кај ХПВ-вакцината е 51 процент.
Падот на имунизацијата особено се забележува во периодот од 2019 до 2022 година, кој се совпаѓа со ковид-кризата. Ограничувањата, преоптовареноста на здравствените системи и одложените педијатриски прегледи придонеле дел од децата да не ги примат редовните дози од вакцините.
Истражувањето како дополнителен фактор го издвојува и зголемениот скептицизам кон вакцинацијата. Дезинформациите и недовербата кои се засилија за време на пандемијата се одразиле и врз редовните програми за имунизација.
Истражувачите предупредуваат дека без навремени национални мерки и поголем ангажман на терен, падот на вакцинацијата може да доведе до слабеење на колективната заштита и повторно појавување на болести кои со години беа под контрола.