И покрај законски загарантираниот принцип на еднаква плата за еднаква работа, жените во Македонија и понатаму имаат пониски просечни заработувачки од мажите. По повод Меѓународниот ден на еднаква плата, од Алијансата за родова еднаквост (GEA) предупредуваат дека родовиот јаз во платите е последица на низа нееднаквости што се создаваат во текот на целиот работен век.
Последните официјални податоци покажуваат дека родовиот јаз во платите во земјава изнесува околу 12 отсто. Најизразени разлики, според податоците, има кај лицата со високо образование и кај вработените на возраст од 45 до 49 години. Од Алијансата посочуваат дека овие податоци покажуваат оти ниту повисокото образование ниту долгогодишното професионално искуство сами по себе не гарантираат еднаква економска положба.
Според GEA, разликата во платите е само една од последиците на пошироките нееднаквости со кои жените се соочуваат на пазарот на трудот.
„Таа започнува со изборот на професија, продолжува преку ограничените можности за напредување, недоволната застапеност на раководни позиции, поголемата грижа за семејството и домот, нееднаквиот пристап до финансии и претприемништво, а на крајот се рефлектира и во висината на платата, пензијата и економската сигурност“, велат од Алијансата.
Принципот на еднаква плата за еднаква работа е утврден уште со Договорот од Рим од 1957 година и е едно од основните начела на Европската Унија. Сепак, од Алијансата оценуваат дека, и покрај повеќедецениските законски гаранции и политики за еднаков третман, намалувањето на родовиот јаз се одвива бавно.
На глобално ниво, според Меѓународната организација на трудот (ILO), жените заработуваат околу 20 отсто помалку од мажите. Во Европската Унија, пак, според најновите податоци на Евростат, родовиот јаз во платите во 2024 година изнесувал 11,1 отсто.
Од GEA нагласуваат дека родовиот јаз во платите не значи дека секоја жена добива помала плата од маж за исто работно место. Станува збор за разлика во просечните заработувачки на жените и мажите на пазарот на трудот, која е резултат на повеќе фактори.
Меѓу нив се хоризонталната и вертикалната сегрегација на пазарот на трудот, помалата застапеност на жените на раководни позиции, прекините во кариерата поради семејни обврски, нееднаквата распределба на неплатената грижа, како и директната и индиректната дискриминација.
Анализите на Алијансата во изминатата година покажале дека нееднаквостите се присутни и во пристапот до финансии. Според анализата „Родовиот јаз во пристапот до кредити: состојба и предизвици во Северна Македонија“, базирана на податоци од Народната банка, само 13,78 отсто од корпоративните кредити според број и 7,83 отсто според вредност биле одобрени на компании во претежна сопственост на жени.
Од организацијата укажуваат и на недоволната застапеност на жените на позиции на кои се носат економски и политички одлуки. Според нив, ваквата состојба влијае врз можностите за професионален развој, остварување повисоки приходи и постигнување економска независност.
Од GEA посочуваат дека родовата еднаквост има и економска димензија, бидејќи поголемото учество на жените на пазарот на трудот, еднаквиот пристап до лидерски позиции и подобриот пристап до финансии може да придонесат за повисока продуктивност и конкурентност.
„Ако сакаме да го намалиме родовиот јаз во платите, мора да престанеме да го гледаме само како прашање на плата. Тој е резултат на сите нееднаквости што жените ги доживуваат во текот на кариерата – од образованието и првото вработување, преку пристапот до финансии и можностите за напредување, до учеството во носењето одлуки. Еднаквата плата е последица на еднаквите можности, а не обратно“, истакнуваат од Алијансата за родова еднаквост.
Од таму повикуваат институциите, работодавачите и креаторите на политики да работат на мерки што ќе обезбедат поголема транспарентност на платите, еднакви можности за напредување и поголема застапеност на жените на лидерски позиции.
Како приоритети ги наведуваат и подобрувањето на пристапот до финансии за жените претприемачи, како и редовното следење на статистички податоци поделени според пол.