Македонија по четири години пауза се враќа на Изборот за песна на Евровизија, потврдија од Македонската радио-телевизија.
Александра Јовановска, која ќе биде дел од тимот задолжен за македонското учество, истакна дека со враќањето на работа по десетмесечно отсуство затекнала значително променета институција.
„Не бев десет месеци на работа и кога се вратив затекнав една нова институција. По четири години пауза, се враќаме на Евровизија“, рече Јовановска.
Тимот што ќе работи на македонското учество ќе биде составен од стари и нови членови, а Јана Бурческа ќе биде одговорна за медиумите и комуникацијата.
Јовановска изрази задоволство што МРТ донела одлука земјава повторно да биде дел од најголемиот европски музички натпревар, кој следната година ќе го има своето 71. издание.
„Драго ми е што МРТ одлучи да се врати на Евровизија. Потребна ни е поддршката од сите“, порача Јовановска.
Во однос на изборот на песната и претставникот на Македонија, засега нема конечна одлука.
Јана Бурческа истакна дека тимот е отворен за различни идеи и концепти и ги повика авторите и изведувачите да подготвуваат свои проекти.
„Отворени сме за различни концепти и ги поканувам сите да подготват проект“, рече Бурческа.
Од МРТ велат дека во моментов се разгледуваат повеќе можности за избор на македонскиот претставник – интерен избор, јавен конкурс или некој од интерните формати на јавниот сервис. Конечниот модел дополнително ќе биде утврден.