Финансиската состојба на Град Скопје е целосно стабилизирана, долгот на градот е сведен на нула, а во полн ек се клучни инфраструктурни и сообраќајни проекти, истакна градоначалникот на Град Скопје, Орце Георгиевски, во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Георгиевски посочи дека по 11 месеци од преземањето на раководењето со градот, од затекнатиот долг од близу 300 милиони евра, Град Скопје повеќе не должи никому, додека јавните претпријатија кумулативно го намалиле долгот на околу 60 милиони евра. Тој нагласи дека во ЈСП Скопје и во „Комунална хигиена“ со домаќинско работење и зголемување на бројот на функционални возила се заштедени по половина милион евра за гориво за само шест месеци.
Јавен превоз и инфраструктура
- Нови автобуси и полначи: Во тек е подготовка на теренот и подземната инсталација со ЕВН за поставување полначи на повеќе локации (Ѓорче Петров, Автокоманда), во пресрет на првата испорака на новите автобуси за околу еден месец. Георгиевски децидно најави дека нема да дозволи комерцијални реклами на прозорците на новите возила.
- БРТ (брз автобуски превоз): До крајот на неделата се очекува финализирање на постапката со ЕБОР и распишување на тендерот за проектирање и изведба. Почетокот на градежните работи е планиран за доцна пролет, со зачувување на средишното зеленило на булеварите и набавка на дополнителни 40 еколошки автобуси.
- Градски воз: По првата фаза до Зелениково, се подготвува проширување кон аеродромот Петровец, Скопје Север (Бутел) и Ѓорче Петров, како и интегриран билет за воз и автобус до средината на следната година.
- Капитални сообраќајници: Втората фаза од подвозникот кај „Лимак“ треба да биде завршена до крајот на следната година, вклучувајќи пумпна станица за спречување поплави и нови кружни текови, по што веднаш ќе следи пробивањето кај „Нова Македонија“. До крајот на оваа година се најавува завршување на булеварот Борис Трајковски, клучката Момин Поток и мостот на Љубљанска.
Комунални прашања, казни и Дрисла
Градоначалникот соопшти дека за 7 до 10 дена започнува испораката на 3.300 нови контејнери за отпад. Поради несовесното одлагање кабаст смет и депониите, само за еден месец се изречени казни во висина од околу 300.000 евра, а се подготвува и нов електронски систем за евиденција на прекршоците за да се спречи какво било интервенирање и бришење пријави. За депонијата „Дрисла“, проекцијата за современа централа бара над 200 милиони евра, па доколку градот и државата не можат да ги обезбедат средствата, ќе се оди на јавно-приватно партнерство.
Жичарница, зеленило и Луна парк
Реконструкцијата на жичарницата на Водно, каде што биле оштетени три од четирите безбедносни сензори, ја води компанијата „Допелмајр“, а пуштањето во функција се очекува до крајот на ноември. Георгиевски најави и изградба на најсовремен и најбезбеден Луна парк во регионот поврзан со Зоолошката градина до крајот на 2027 година, како и темелна реконструкција на Градскиот парк и Кејот на Вардар во рамки на подготовките за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
На крајот, градоначалникот порача дека нема да има зголемување на даночните стапки за имот, туку исклучиво ажурирање и репроценка на квадратурата преку вкрстување на податоците со Катастарот.