Основното јавно обвинителство Охрид отвори истрага против три лица осомничени за кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“, откако, според Обвинителството, палеле отпад во близина на депонијата „Буково“.
Според информациите од ОЈО Охрид, тројцата на 17 септември со товарно возило донеле отпад кај депонијата, по што започнале да горат гумени отпадни кабли со цел од нив да ги издвојат бакарните жици.
При согорувањето се создал чад, а во воздухот биле испуштени штетни материи, со што, според Обвинителството, била загрозена животната средина и природата.
Против тројцата е донесена наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело по член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Охрид доставил и предлог за определување мерка притвор за сите тројца осомничени.
Како причини за барањето притвор се наведуваат опасноста од бегство и можноста осомничените да влијаат врз сведоци во постапката.