Македонија

Ќе донесе ли Фон дер Лајен „последен план“ за македонските евроинтеграции?

Ќе донесе ли Фон дер Лајен „последен план“ за македонските евроинтеграции?

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од 30 септември до 2 октомври ќе престојува во нова, шеста по ред регионална турнеја низ Западен Балкан, при што Скопје е потврдено како една од клучните четири станици. Новата мисија на првата жена на Брисел доаѓа во исклучително чувствителен политички контекст за земјава, каде што евроинтегративниот процес со месеци се наоѓа во статус-кво позиција.

Домашната јавност и политичките аналитичари со големо внимание ја очекуваат оваа посета. За разлика од нејзиното последно доаѓање во октомври минатата година, кога Фон дер Лајен порача дека „топката е во македонскиот двор“ и дека уставните измени се единствениот пат напред, овојпат Брисел се соочува со потребата да понуди поконкретен излез. Европскиот амбасадор во Скопје, Михалис Рокас, веќе ја оцени посетата како „одлучувачки чекор“ кон отворањето на пристапните преговори, потврдувајќи дека зад сцената интензивно се работи на придвижување на процесот.

Според дипломатски извори и политички аналитичари, Европската комисија во Скопје би можела да ги исцрта контурите на нов, модифициран пристап или т.н. „последен план“ кој ќе изврши дополнителен притисок врз домашните власти, но истовремено ќе понуди и цврсти гаранции за европската иднина на земјата. Во игра е и моделот на „постепена интеграција“ – концепт кој неодамна во Скопје го промовираше и еврокомесарката Марта Кос, а кој овозможува земјата да ги почувствува придобивките од единствениот европски пазар пред формалното зачленување.

Покрај политичкиот јазол, во фокусот на разговорите со премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Силјановска-Давкова ќе биде и испораката на свежи пари од европскиот План за раст. Со оглед на тоа што Србија и Босна и Херцеговина привремено се исклучени од оваа турнеја поради изборните процеси таму, Брисел јасно става до знаење дека фокусот во моментов е насочен кон оние аспиранти кои мора да покажат брзи реформски резултати.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни