Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе нова одлука за цените на нафтените деривати, која ќе важи од 00:01 часот на 22 септември.
Според новата пресметка, дизелот поскапува за 5,50 денари за литар, додека бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинуваат за по 1,50 денар за литар.
Од полноќ, максималните малопродажни цени ќе изнесуваат:
- ЕУРОСУПЕР БС-95 – 99,00 денари за литар
- ЕУРОСУПЕР БС-98 – 101,00 денари за литар
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 104,50 денари за литар
- Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 102,50 денари за литар
- Мазут М-1 НС – 50,078 денари за килограм
Екстра лесното масло за домаќинство поевтинува за 7 денари за литар, додека мазутот поскапува за 1,835 денари за килограм.
Од РКЕ информираат дека референтните цени на нафтените деривати на светските пазари во споредба со претходната пресметка бележат раст. Кај бензините зголемувањето во просек изнесува 0,960 отсто, кај дизелот 6,772 отсто, кај екстра лесното масло 5,960 отсто, а кај мазутот 4,084 отсто.
Истовремено, курсот на денарот во однос на американскиот долар бил повисок за 0,753 отсто.
При пресметката е применет намален износ на акцизата од четири денари за литар кај бензините, дизелот и екстра лесното масло за домаќинство, како и намалена стапка на ДДВ од 10 отсто за дизелот и екстра лесното масло.
Од РКЕ нагласуваат дека станува збор за максимални цени, а трговците можат да ги продаваат горивата и по пониски цени.