Подготовките за новата грејна сезона во Скопје веќе започнаа. ЕСМ Дистрибуција на топлина пушти „ладна“ циркулација на водата низ системот, со што се проверуваат дистрибутивната мрежа и топлинските потстаници.
Проверките ќе се вршат секој работен ден до 30 септември, во периодот од 9 до 14 часот.
Од ЕСМ ги повикуваат потрошувачите навреме да ги завршат сите потребни поправки на внатрешните грејни инсталации, бидејќи нивното одржување е обврска на корисниците. По завршувањето на интервенциите, тие треба да бидат пријавени во Центарот за грижа на потрошувачи.
Од компанијата препорачуваат пред почетокот на греењето да се провери состојбата на радијаторите и вентилите, како и да се утврди дали има протекување или други проблеми на внатрешната инсталација.
Особено внимание треба да обрнат домаќинствата во кои во текот на летото биле вршени реновирања, заменети радијатори или направени други интервенции на системот за греење.
Доколку при изведувањето на работите инсталацијата била испразнета, по завршувањето на интервенциите потребно е тоа да се пријави во ЕСМ, за системот повторно да биде наполнет со вода.
Според актуелните правила, грејната сезона 2026/2027 година официјално започнува на 15 октомври. Сепак, греењето може да започне и порано, од 1 октомври, доколку прогнозата покаже дека средната надворешна температура за наредниот ден ќе биде 12 степени Целзиусови или пониска.
Во текот на грејната сезона, снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20±1 степен Целзиусов во грејните простории, во периодот од 6 до 22 часот, при целосно отворени радијаторски вентили. Ова важи доколку внатрешната грејна инсталација е технички исправна.
Од ЕСМ затоа апелираат проблемите со радијаторите, вентилите и инсталациите да се проверат и отстранат навреме, пред почетокот на студеното време и грејната сезона.