Значително намалување на бројот на загинати лица и сообраќајни незгоди е регистрирано на македонските патишта во првите осум месеци од годинава, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.
Од јануари до август 2026 година во сообраќајни незгоди животот го загубиле 62 лица, наспроти 96 во истиот период лани. Тоа е намалување за 34 жртви, односно за 35,42 отсто.
Намалување има и кај вкупниот број на загинати и повредени лица. Во првите осум месеци од 2025 година биле евидентирани 4.731 настрадано лице, додека годинава бројот е 3.868. Станува збор за 863 лица помалку, односно намалување од 18,24 отсто.
Во истиот период е намален и бројот на регистрирани сообраќајни незгоди. Лани биле евидентирани 5.485 незгоди, а годинава 4.840, што претставува пад од 11,76 отсто.
Најизразено е намалувањето кај сообраќајните незгоди со смртни последици. Од 82 такви незгоди во првите осум месеци од 2025 година, годинава бројот е намален на 54, односно за 28 незгоди или 34,15 отсто.
Намалување е регистрирано и кај незгодите со телесни повреди, од 2.291 лани на 1.896 годинава, што е пад од 17,24 отсто. Бројот на сообраќајни незгоди со материјална штета е намален од 2.518 на 2.362, додека незгодите со тешки телесни повреди се намалиле од 594 на 528.
Во првите осум месеци годинава биле евидентирани 3.116 лица со телесни повреди, наспроти 3.949 во истиот период лани, што е намалување за 833 лица.
Кај лицата со тешки телесни повреди, пак, бројките се речиси непроменети. Во 2025 година биле евидентирани 686 лица, а годинава 690.
Податоците на МВР покажуваат дека бројот на жртви во сообраќајот годинава е понизок и во споредба со подолгогодишниот период. Од 2010 до 2025 година, на македонските патишта годишно животот го губеле меѓу 116 и 198 лица. Во 2019 и 2025 година биле регистрирани по 132 загинати лица.
Една од промените во системот за контрола на сообраќајот годинава е воведувањето на системот „Безбеден град“. Санкционирањето преку системот започна на 1 февруари, со автоматско детектирање на прекршоците, електронска обработка на предметите и доставување известувања преку СМС-пораки и електронска пошта.
Од МВР оценуваат дека резултатите во првите осум месеци покажуваат промена во состојбата на патиштата и најавуваат продолжување на унапредувањето и проширувањето на системот „Безбеден град“, како и засилени контроли и дополнителни мерки за намалување на бројот на сообраќајни незгоди, повредени и загинати лица.