Македонија

Андоновски: Снабдувањето на граѓаните со струја и вода е приоритет пред податочните центри

Андоновски: Снабдувањето на граѓаните со струја и вода е приоритет пред податочните центри

Создавањето услови за приватни инвестиции во центри за податоци и изградбата на Национален податочен центар се двата правци на кои работи Владата, информираше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на денешната седница за пратенички прашања во Собранието.

Според Андоновски, приватните центри за податоци би можеле да донесат нов капитал, ангажман за домашните компании, специјализирани работни места и дополнителен развој на ИКТ-индустријата.

Паралелно, Националниот податочен центар е планиран како инфраструктура за потребите на државните институции и модернизација и заштита на државната дигитална инфраструктура.

Министерот посочи дека економските ефекти од ваквите проекти треба да се разгледуваат и преку ангажманот на домашните добавувачи, развојот на инфраструктурата и можностите за македонските компании и инженери.

За потенцијалните приватни проекти, Андоновски нагласи дека секој инвестициски проект ќе мора да ги помине техничките, водостопанските, еколошките и другите законски процедури. Приватните инвеститори, како што посочи, ќе треба и самостојно да ги обезбедат потребите за електрична енергија согласно законските процедури и по пазарни услови.

Во однос на Националниот податочен центар, министерот информираше дека е планиран со инсталирана моќност под еден мегават и ќе биде наменет за информациските системи на државните институции.

Планот е системите што ги исполнуваат условите за безбедно обединување постепено да се преместат од повеќе од 20 одделни серверски и податочни локации во една заедничка инфраструктура. Центарот треба да биде поврзан и со резервната инфраструктура во Прилеп, со цел да се обезбеди поголем континуитет на критичните државни системи.

За проектот веќе е изработена физибилити студија, а утврдена е и потенцијална локација во близина на Скопје. Во тек е подготовката на финансискиот модел и потребните процедури.

Националниот податочен центар е дел од Планот за раст на Европската унија, а за проектот се обезбедени 20 милиони евра. Од вкупната сума, 30 проценти се грант од ЕУ.

Поставувањето на камен-темелникот е планирано за 2027 година, но реализацијата зависи од завршувањето на постапките поврзани со финансирањето и останатите процедури.

Андоновски порача дека развојот на податочните центри треба да отвори простор за нови инвестиции и економски можности, но истовремено нагласи дека ниту еден инвестициски проект нема да има предност пред сигурното снабдување на граѓаните со вода и електрична енергија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни