Во целокупниот јавен сектор во Северна Македонија има околу 130.000 вработени, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев.
Во „Ноќно студио“ на 4ТВ, Минчев рече дека во оваа бројка се опфатени и вработените во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, локалната самоуправа и јавните претпријатија.
Според него, прашањето не е само колкав е бројот на вработените, туку и каде се распоредени.
„Имаме сектори и одделенија во одредени институции каде што имаме превработеност, а имаме одредени одделенија и сектори каде што го немаме потребниот кадар“, рече Минчев.
Како споредба тој ја посочи Словенија, каде што, според неговите податоци, има околу 170.000 вработени во јавниот сектор.
Минчев смета дека преку доедукација и прераспределба на постојните кадри може да се пополнат дел од слободните позиции без дополнителни вработувања.
Тој додаде дека Академијата за обука и едукација треба да има важна улога во овој процес.