Македонија од март 2027 година треба да добие директна авиолинија со Дубаи, а паралелно се разгледува можноста за воспоставување директна врска и меѓу Охрид и еден од аеродромите во Обединетите Арапски Емирати.
Информацијата ја соопшти заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, кој рече дека линијата Дубаи-Скопје е договорена и ќе ја оперира авиокомпанијата „Флајдубаи“ од март 2027 година.
„Се договоривме дека со почетокот на новата сезона на летање, односно од март месец 2027 година, ќе се лета директно од Дубаи за Скопје. Значи ќе имаме директен авионски лет којшто ќе лета Дубаи – Скопје“, изјави Николоски.
Според министерот, директното воздушно поврзување се очекува да придонесе за зголемување на туристичкиот промет, особено во периодите надвор од главната летна сезона.
Покрај договорената линија до Скопје, во тек се разговори за воспоставување директен лет до Охрид. Како можни дестинации се разгледуваат Абу Даби и Шарџа.
„Втората работа којашто можам да кажам дека е сè уште во дискусија, би рекол дека е многу извесно дека ќе ја договориме, тоа е директен лет помеѓу еден од аеродромите во Обединетите Арапски Емирати, дали ќе е Абу Даби, дали ќе е Шарџа, до Охрид, што многу ќе придонесе за развојот на туризмот“, истакна Николоски.
За воспоставувањето на директните воздушни врски се разговарало и на средбата со амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати во Македонија, одржана во Собранието. Николоски оцени дека подобрата авиоповрзаност може да придонесе и за унапредување на деловната соработка меѓу двете земји.
„Она што сакам да го објавам после средбата со амбасадорот е дека имавме конкретна работа за која што зборувавме, а тоа е директно авионско поврзување помеѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати, што многу ќе придонесе за развојот на туризмот и на бизнисот помеѓу двете држави“, рече тој.
Како една од веќе реализираните мерки Николоски го посочи безвизниот режим меѓу Македонија и ОАЕ.
„Првата е веќе реализирана, тоа е безвизен режим, односно веќе помеѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати се патува без визи, што е многу значајно, особено во делот на туризмот и размена на бизнисот“, посочи министерот.
Во разговорите меѓу двете страни се опфатени и можностите за нови инвестиции, а Николоски информираше дека македонски компании веќе започнуваат со извоз на производи на пазарот во ОАЕ.
Тој посочи дека Обединетите Арапски Емирати стануваат значаен центар за саеми и деловни настани, што, според него, дополнително ја зголемува потребата од директни воздушни врски меѓу двете земји.