Бугарија порача дека останува отворена за конструктивен дијалог со Македонија, но нагласи дека процесот на пристапување на земјава во Европската Унија е европско прашање кое треба да се разгледува во рамките на европските институции.
Ставот на бугарското Министерство за надворешни работи следува по изјавата на македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски дека Скопје сака Европската Унија да биде вклучена во идните разговори со Софија.
Од бугарското МНР посочуваат дека ја поддржуваат работата на Европската комисија во текот на пристапните преговори со сите земји-кандидатки, при што нагласуваат дека добрососедските односи се еден од условите за напредок во процесот.
Во ставот се наведува и дека, во актуелната сложена глобална ситуација, повеќе земји-кандидатки бележат напредок, а од Македонија повторно се очекува исполнување на преземените обврски.
Муцунски во интервју од Њујорк изјави дека меѓу Скопје и Софија постои, како што оцени, фундаментален недостиг на доверба. Тој посочи и дека за време на Генералното собрание на Обединетите нации немало работни разговори меѓу македонската и бугарската делегација.
Според Муцунски, Македонија сака да продолжи по европскиот пат и да ја добие можноста за отворање на пристапните преговори, но не сака да прифати решение кое, како што вели, нема да обезбеди предвидливост за земјата.
„Позициите кои што ние ги пренесуваме се апсолутно јасни, истакнати повеќе пати, а тоа е дека да, ние сакаме да тргнеме напред на патот кон Европската Унија, конечно да ја добиеме таа можност да ги отвориме преговорите, но исто така не сме подготвени по било која цена да прифатиме компромис кој што на државата не ѝ обезбедува предвидливост“, изјави Муцунски.
Тој додаде дека за Скопје е важно во идните разговори со Бугарија да има вклученост на Европската Унија, без разлика дали преку земјите членки или преку европските институции, со цел да се изгради доверба меѓу двете страни.