Македонија

Студентите бараат повисока субвенција за оброк, Јаневска: Ќе ги разгледаме можностите

Студентите бараат повисока субвенција за оброк, Јаневска: Ќе ги разгледаме можностите

Барањето на студентските организации за зголемување на субвенцијата за студентски оброк ќе биде разгледано од Министерството за образование и наука, но евентуалното зголемување ќе зависи од расположливите буџетски средства.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека пред да биде донесена одлука, потребно е да се направи анализа на финансиските можности. Субвенцијата за студентски оброк во моментов изнесува 140 денари дневно.

„Со внимание ќе ги разгледаме иницијативите на студентите, како и сите досега, и по тоа внимателно разгледување, ќе одговориме во рамките на нашите можности. Ќе треба да се направи анализата и потоа ќе им одговориме и на студентите и јавно“, рече Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Машинскиот факултет по повод Европската ноќ на истражувачите.

Студентите најавија и иницијатива за субвенционирање на меѓуградскиот превоз за оние кои секојдневно патуваат на настава. Како причина ги посочуваат зголемените цени на билетите.

И ова барање, според Јаневска, ќе биде разгледано откако официјално ќе пристигне во Министерството. Таа посочи дека одлуката ќе зависи од буџетските можности, но и од надлежностите на институцијата.

Министерката се осврна и на дополнителниот оглас за образовни асистенти, посочувајќи дека постапката е завршена и изборот е при крај. Според неа, останува да се обезбедат асистенти за уште мал број ученици.

„За жал, некои од асистентите се откажуваат од работата, но јас многупати сум кажала и ќе повторам – сите деца треба да бидат згрижени во училиштата. Таму има инклузивни тимови, стручни служби и други образовни асистенти, кои може да им помогнат на повеќе деца. Образовниот асистент не е личен асистент. И сите што треба да добијат образовен асистент, ќе го добијат“, изјави Јаневска.

Прашана за причините поради кои дел од асистентите се откажуваат, министерката рече дека тие се индивидуални. Таа додаде дека претпоставува оти кај некои од нив причината е чувството дека не се доволно компетентни за работата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни