Премиерот Христијан Мицкоски во говорот пред Генералното собрание на ОН ја истакна ранливоста на малите држави во период на зголемена геополитичка конкуренција.
„За голема сила, погрешната геополитичка пресметка може да значи промена на стратегијата. За мала држава, истата грешка може да значи изгубена деценија“, рече Мицкоски.
Тој потсети на периодот пред 33 години, кога Северна Македонија станала членка на Обединетите нации, во време на распадот на Југославија и војните во регионот.
Како една од најважните лекции од тој период ја посочи превенцијата на конфликти.
„Мирот не започнува кога завршува војната. Мирот започнува кога политиката е доволно мудра за да спречи војната да започне“, порача премиерот.
Мицкоски предупреди дека денешниот свет станува место на поостра конкуренција, во кое моќта се прераспределува, а геополитиката сè повеќе влијае врз трговијата, енергијата, технологијата, критичните минерали и транспортните коридори.
Според него, за малите држави особено е важно меѓународните правила да бидат предвидливи и да се применуваат еднакво.
„Не можеме да си дозволиме да бидеме рамнодушни кон правилата, ниту да веруваме дека правилата сами ќе се бранат“, рече Мицкоски.