Вештачката интелигенција, енергетиката, дигиталната инфраструктура и климатските промени ќе имаат сè поголемо влијание врз идниот меѓународен поредок, порача премиерот Христијан Мицкоски во говорот пред Обединетите нации.
„Вештачката интелигенција повеќе не е тема на иднината. Таа е инфраструктура на сегашноста“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека идниот свет нема да се обликува само во дипломатските сали и на бојните полиња, туку и во лабораториите, училиштата, фабриките, енергетските мрежи и центрите за податоци.
Мицкоски предупреди дека технолошкиот развој носи и нови ризици, особено во услови на ширење манипулации, полувистини, фабрикувани слики, пропаганда и организирана дезинформација.
„Никогаш порано човештвото немало пристап до толку многу знаење, но никогаш порано не било изложено на толку многу манипулација“, рече тој.
Според него, институциите треба да ја заслужат довербата на граѓаните, особено во ситуации кога вистината е непријатна.
Мицкоски порача дека вредностите не се одржуваат само со говори, туку со нивно доследно почитување, особено во моменти кога е најлесно да се напуштат.