Силна експлозија, најверојатно предизвикана од истекување на природен гас, рано утрово целосно зафати двокатна зграда во самиот центар на Атина. На терен се одвива драматична спасувачка акција во која се вклучени и специјално обучени кучиња-трагачи, поради сомнежи дека под урнатините има заробени луѓе.
Според неофицијални информации, спасувачките екипи интензивно проверуваат дали во објектот во моментот на детонацијата се наоѓале брачен пар кој живеел на вториот кат, како и тројца туристи сместени во стан што се изнајмувал преку платформата „Ер-Би-Ен-Би“ на првиот кат.
Градоначалникот на Атина, Харис Дукас, кој веднаш пристигна на местото на несреќата, изјави дека ситуацијата е исклучително тешка и компликувана.
„Има лица кои се водат како исчезнати и ова се критични моменти каде што е потребна врвна координација. На терен се и кучиња-трагачи кои вршат детално пребарување на теренот“, истакна Дукас.
На прашањето за точната бројка на исчезнати лица, атинскиот градоначалник посочи дека во овој момент не може да соопшти детали, со оглед на тоа што истрагата и акцијата се во полн ек, но потврди дека општината ги ставила сите свои капацитети во служба на спасувачките екипи.
Детонацијата се случила кусо по 7:30 часот утрово. Првичната интервенција на противпожарните сили била насочена кон локализирање на избувнатиот пожар и брзо прекинување на снабдувањето со природен гас, по што веднаш започнала операцијата за пронаоѓање и извлекување на евентуално преживеаните.