Премиерот Христијан Мицкоски изрази длабока загриженост за состојбите и меѓусебните односи во регионот по состанокот на лидерите од Западен Балкан со високата претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, одржан во Њујорк. Во интервју за Македонската телевизија, тој оцени дека атмосферата на масата наликувала на враќање на темите од почетокот на деведесеттите години од минатиот век.
Како главни извори на зголемената тензија, Мицкоски ги посочи отворените прашања меѓу Босна и Херцеговина и Србија предизвикани од погребот на Ратко Младиќ, како и постојаните несогласувања меѓу Белград и Приштина поврзани со нападот во Банска.
„Имав чувство дека се случува една тензија којашто за мене во 21-от век навистина претставуваше големо изненадување. Ме загрижува фактот што навидум една работа може да го запали целиот регион и да предизвика сериозни тензии што можат да прераснат во конфликт. Со ваква подбуцнувачка реторика ние не можеме да ја градиме иднината онака како што посакуваме“, нагласи Мицкоски.
Во своето обраќање пред високата претставничка Калас, македонскиот премиер апелирал Европската Унија наместо само на декларативна реторика, итно да премине на конкретни дела и брзи резултати кои граѓаните директно ќе ги почувствуваат, со цел да се намали насобраната фрустрација во регионот.
„Побарав да имаме брзи испораки од страна на ЕУ, нешто што навистина може веднаш да се почувствува — да се реши проблемот со кој се соочуваат транспортерите и конечно да се реализира ветеното укинување на роамингот (‘roam at home’) за граѓаните од земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Ни требаат брзи економски придобивки за да видиме дека процесот не е само на зборови“, порача премиерот.
Тој додаде дека Македонија одржува одлична комуникација со сите соседи и регионални чинители, што било потврдено и преку неговите билатерални средби во Њујорк со лидери од регионот, меѓу кои српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Албин Курти, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и словенечкиот премиер Јанез Јанша. Сепак, тој предупреди дека грешките од минатото мора да послужат како поука за соработка, а не за продлабочување на новите поделби.