Потрошувачката на нафтени деривати во Македонија е зголемена, особено кај дизелот и бензините, но растот не се должи само на домашната потрошувачка. Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, значаен дел од зголемената потрошувачка е поврзан со возачи од соседните земји кои доаѓаат во Македонија да точат гориво.
Ристов во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ рече дека РКЕ не располага со прецизна можност да ја раздвојува домашната од „извезената“ потрошувачка, но податоците покажуваат значителен раст на потрошувачката во изминатиот период.
„Не можеме да направиме раздвојување што значи домашна потрошувачка и да кажеме – ова е извезена потрошувачка. Меѓутоа, имаме параметри дека многу е зголемена потрошувачката на гориво“, рече Ристов.
Според него, причината за дел од растот е пониската цена на горивата во Македонија во однос на земјите од регионот.
„Не е тоа последица на домашното трошење, туку баш она на пограничното трошење“, изјави Ристов, додавајќи дека во текот на летната сезона дополнителен фактор бил и транзитот на патници низ земјава.
Тој посочи дека возачите кои патуваат низ Македонија имаат интерес да ги наполнат резервоарите во земјава поради пониските цени во споредба со Србија, Грција и други околни држави.
Зголемената потрошувачка на гориво, според Ристов, носи и дополнителни приходи за државниот буџет преку даноците и акцизите.
„Од секој литар нафтен дериват, од 25 до 35 денари е бенефитот за државата, односно за полнење на буџетот“, рече тој.
Ристов нагласи дека домашната потрошувачка, независно од транзитот и пограничното точење, вообичаено расте за околу два до три проценти годишно.
Тој овој раст го поврза и со економската активност во земјата. Според него, растот на бруто домашниот производ и индустриското производство се поврзани со зголемен транспорт и превоз, што неминовно влијае и врз потрошувачката на гориво.
Ристов направи разлика меѓу физичката потрошувачка на гориво и финансискиот ефект за буџетот.
И покрај намалувањето на акцизите и ДДВ-то, тој очекува буџетот на крајот на годината да има значителни приходи од овој сегмент, бидејќи зголемената потрошувачка, како и повисоките цени во одредени периоди, влијаат врз вкупните даночни приходи.
„Доколку имате поголема потрошувачка, имате повеќе приходи“, рече Ристов, оценувајќи дека досегашните мерки за цените на горивата се менаџираат со оглед на зголемената потрошувачка.