За време на говорот на годишниот форум на клубот „Валдај“, рускиот претседател Владимир Путин остро ги критикуваше санкциите воведени кон Русија по нејзината целосна инвазија врз Украина во 2022 година.
Тој предупреди дека Русија нема да испорачува дизел на глобалниот пазар сè додека не се укинат санкциите против Москва. Рускиот претседател претходно призна дека Украина „делумно ги постигнала своите цели“ преку напади врз рафинериите за нафта, што резултирало со загуба од еден отсто од рускиот БДП.
Прекинот на извозот на дизел би имал значително влијание врз глобалните пазари, а цените на дизелот би можеле да достигнат нивоа без преседан, пренесува „Скај њуз“. Сепак, Путин упати и донекаде поумерена порака. Тој изјави дека западните компании би можеле да си ги вратат своите средства во Русија доколку се оствари „поволно сценарио“ во врска со запленетиот имот.
Вчера, Русија ја продолжи забраната за извоз на дизел за производителите на гориво до крајот на октомври, дополнително оптоварувајќи го глобалниот енергетски пазар, кој веќе е разнишан од долготрајни конфликти и прекини во снабдувањето.
Глобалниот недостиг на гориво и наглиот раст на цените се во фокусот на вниманието во САД, каде што цените на дизелот достигнаа рекордно ниво од над 6,50 долари за галон (3,785 литри), бидејќи војните во Иран и Украина ги отежнуваат испораките на гориво. Ова претставува политички ризик за американскиот претседател Доналд Трамп пред среднорочните избори за Конгресот. Русија во повеќе наврати воведуваше ограничувања на извозот на бензин и дизел за да го запре растот на цените на горивото и да се справи со недостигот предизвикан од украинските напади со беспилотни летала врз рафинериите за нафта.