Пропуштените можности од минатото, односот кон младите и потребата од поголемо вклучување на квалитетни кадри во политичкиот и општествениот живот беа дел од темите за кои зборуваше проф. д-р Андреј Петров во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Петров се осврна на своето политичко минато и на функциите што ги извршувал, посочувајќи дека никогаш не бил дел од извршната власт. Како што објасни, бил пратеник во опозиција и градоначалник.
„Јас никогаш не сум бил дел од влада. Владата е носител на работите. Меѓутоа, сум бил член на парламентот, но во опозиција“, рече Петров.
Говорејќи за периодот во кој бил градоначалник, Петров оцени дека е задоволен од сработеното, а посочи и дека таква оценка, според него, има и кај дел од жителите на Карпош.
Сепак, тој призна дека во областите во кои бил директно ангажиран можело да се направи повеќе.
„Мислам дека сме можеле многу подобро во некоја област. Сме можеле многу повеќе да направиме“, рече Петров.
Како една од најголемите работи за кои денес жали, тој го посочи односот кон младите. Според него, во минатото не бил создаден доволен простор за младите да напредуваат, да се докажуваат и да преземаат одговорност.
„Можеле повеќе да покажеме дека младите се силата, дека квалитетот треба да се форсира“, истакна Петров.
Тој оцени дека проблемот со недоволното вклучување на младите и способните кадри ги надминува партиските рамки. Како последица, според него, голем број образовани и квалитетни луѓе ја напуштаат земјата бидејќи не гледаат доволно можности за професионална реализација.
Петров се осврна и на односот на младите кон политиката, посочувајќи дека кај дел од нив постои целосно отуѓување од политичкиот живот.
„Луѓе кои не сакаат да останат тука, луѓе кои не сакаат да чујат што политиката се занимава, затоа што ја сметаат за нешто валкано“, рече Петров.
Тој смета дека дополнителен проблем е перцепцијата дека политиката се користи за лична корист и стекнување капитал, поради што, според него, неопходно е да се промени начинот на кој граѓаните ја доживуваат политиката.
Во тој контекст, Петров зборуваше и за иницијативата со која е поврзан, посочувајќи дека се разговара со поширок круг луѓе од општествениот живот, меѓу кои интелектуалци и професори.
Целта, како што објасни, е процесот да се проширува и во него да се вклучуваат што повеќе луѓе.
„Тоа нема да застане. Не велиме дека сме дошле, не сме дошле ни до половина од патот“, рече Петров.
Тој најави продолжување на процесот и пошироко вклучување на граѓани и општествени чинители, со очекување иницијативата да придонесе кон промени во политичкиот и општествениот живот.