Гевгелиското средно образование се соочува со пад на бројот на новозапишани ученици. Во СОУ „Јосиф Јосифовски“ годинава во прва година се запишани 166 ученици, што е за 57 помалку во однос на пред две години.
Намалениот интерес се забележува и кај стручните профили. Поради малиот број заинтересирани ученици годинава не се формирани паралелки за готвачи/келнери и автомеханичари, со што се намалува изборот на стручни насоки во градот.
Во гимназиското образование се запишани 66 ученици, додека во стручните паралелки има 100 ученици. Дел од младите, пак, образованието го продолжуваат во други општини и поголеми градови, каде што имаат можност да изберат профили кои не се достапни во Гевгелија.
Намалувањето на бројот на средношколци го отвора прашањето за демографските движења, но и за тоа како образовната понуда да се усогласи со потребите на локалната економија и како младите да се задржат во својот град.
Од локалната самоуправа и образовните институции останува предизвикот да се најдат решенија за поголем интерес за стручните профили и за создавање услови младите да го продолжат образованието во Гевгелија.