Македонија

Муцунски и Петрова-Чамова в четврток на билатерална средба во Софија

Муцунски и Петрова-Чамова в четврток на билатерална средба во Софија

Нов чекор во дипломатскиот дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија се очекува во Софија, каде што в четврток ќе се одржи меѓународна министерска конференција посветена на Коридорот 8. На маргините на состанокот се отвора можност за билатерална средба меѓу македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова.

Од бугарското Министерство за надворешни работи за БТА потврдиле дека на конференцијата, чиј домаќин ќе биде Петрова-Чамова, ќе присуствува и Муцунски и дека во рамките на форумот „ќе има можност да се одржи билатерална средба, што е дел од редовниот дијалог меѓу двете земји“.

Од македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија засега нема официјална потврда дека Софија го прифатила барањето за средба, иако македонската страна минатата недела официјално побара состанок меѓу двајцата министри.

Иницијативата уследи по посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на земјава. Премиерот Христијан Мицкоски тогаш изјави дека по нејзиниот совет, Муцунски испратил дипломатска нота до Софија со барање за билатерална средба со Петрова-Чамова на маргините на министерскиот состанок во Софија.

Средбата би била насочена кон отворање дијалог за прашањата што го оптоваруваат односот меѓу двете земји и за надминување на пречките во евроинтегративниот процес на Северна Македонија.

Мицкоски денеска изјави дека сè уште нема одговор на барањето за средба, додавајќи дека кога ќе пристигне одговорот, Владата ќе може да излезе со подетален коментар.

Од бугарска страна, претседателката Илијана Јотова во саботата порача дека Бугарија е отворена за разговори со Северна Македонија, но без ултиматуми и без отстапување од европската политика. Таа рече дека е умерен оптимист и најави дека ќе побара од Петрова-Чамова да го види барањето за средба.

Муцунски и Петрова-Чамова последен пат билатерално се сретнаа во мај годинава, на маргините на министерскиот состанок на НАТО во Хелсинборг, Шведска. И тогаш двете страни ги претставија своите познати позиции.

Муцунски нагласи дека е потребно решение на билатералното прашање што го кочи отворањето на преговорите со Европската Унија, притоа посочувајќи дека прашањата поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на разговори.

Петрова-Чамова, пак, го повтори ставот на Софија дека исполнувањето на преземените обврски во рамките на Европскиот консензус од јули 2022 година е гаранција за напредокот на Северна Македонија кон Европската Унија.

Во јуни, во Софија се сретнаа и претседателките Гордана Сиљановска-Давкова и Илијана Јотова, на маргините на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. И од таа средба не произлезе конкретен напредок во надминувањето на разликите меѓу двете земји.

Фон дер Лајен, по средбата со Мицкоски минатата недела, изјави дека е договорен прв чекор во насока на обид за деблокада на процесот. Таа порача дека е важно тој обид да се претвори во процес.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни