Во пристапот на Европската Унија за надминување на блокадата и спорот меѓу Скопје и Софија се забележува јасна промена, откако од највисокото раководство во Брисел сè погласно се бара директен дијалог меѓу двете страни. Ова го посочи претседателката Гордана Силјановска-Давкова во гостувањето во емисијата „Тема на денот“, нагласувајќи дека ваквиот став на Брисел е нешто за што македонската страна одамна се залага.
Според шефицата на државата, пораките кои деновиве пристигнуваат од европските лидери го менуваат досегашниот наратив во кој Бугарија тврдеше дека прашањето не е билатерално, туку спор со самата ЕУ.
„Слушнавме од госпоѓата Фон дер Лајен како повикува на нешто што ние одамна ‘бона фиде’ не само што го препорачувавме, туку и посегавме по него. Зборувам за дебата и дијалог, оти ако не се сослушате, нема да може да се разберете, ниту пак да се обидете да се себеанализирате“, истакна Силјановска-Давкова.
Таа потсети на досегашната крута реторика од Софија секогаш кога од наша страна се инсистирало на разговори:
„Ако секогаш кога ние велиме: ‘потребен е дијалог, треба да седнеме’, одговорот е: ‘Не може, немате вие проблем со нас, имате проблем со Европската Унија’. Но, Фон дер Лајен рече дека соседите мора да се почитуваат, да разговараат, да се поддржуваат и дека е добро да почне приказната меѓу министрите за надворешни работи“, посочи претседателката.
Во дебатата беше нотирано дека промената во дикцијата на ЕУ станува сè поочигледна по настапите на претседателката на Европската комисија, но и на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој за време на посетата на Софија сугерираше потреба од гаранции за процесот.
Токму прашањето за гаранциите е клучно за македонската позиција, нагласува Силјановска-Давкова, бранејќи го македонскиот предлог за одложено дејство на уставните измени:
„Ве разбирам, но кажете ми ги гаранциите. Затоа ние, кога велиме со одложено дејство, велиме дека тоа е еден многу добар предлог, вообичаен во компаративното уставно право“, подвлече Силјановска-Давкова, додавајќи дека предвидливоста на европскиот пат мора да биде загарантирана за процесот да се извади од статус кво состојбата.