Македонија

Родителите на загинатите во „Пулс“ по рочиштето: Вештакот на одбраната со небулозни аргументи се обидува да го оправда неодбранливото

Родителите на загинатите во „Пулс“ по рочиштето: Вештакот на одбраната со небулозни аргументи се обидува да го оправда неодбранливото
ФОТО: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

По денешното рочиште од судскиот процес за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, со остри реакции и револт се огласија родителите на загинатите млади лица. По соочувањето со излагањето на вештакот ангажиран од одбраната, тие порачаа дека судницата наместо место за вистина, станува простор за конструкција на неодбранливи тези.

„Од тоа што го слушаме од вештакот на одбраната, човек навистина мора да се запраша што точно треба да покаже едно вештачење – стручност и факти или начин како да се оправда неодбранливото?“, реагираат револтираните родители.

„Замаглување на суштината за трагедија во која згаснаа 63 животи“

Родителите истакнаа дека со слушањето на споредбите и различните толкувања од страна на вештакот, повеќе се создаваат дилеми отколку што се даваат јасни и конкретни одговори, што за нив е апсолутно неприфатливо.

„Кога се зборува за трагедија во која изгубивме 63 млади животи, очекуваме конкретни и јасни одговори, а не конструкции и дополнителни толкувања со кои се замаглува суштината. Кое прашање е поставено, кој факт се разјаснува и каде е доказот што го потврдува кажаното? Токму тоа сакаме да го слушнеме во оваа судница“, порачуваат семејствата на жртвите.

Тие додадоа дека, иако одбраната има законско право да ја гради својата теза, тоа не смее да се прави преку омаловажување на фактичкото состојба и манипулација со доказите.

„Одбраната има право да ја гради својата стратегија, но не може со споредби и небулозни аргументи да ја промени вистината која мора непречено да произлезе од материјалните докази“, заклучуваат родителите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Стефанија Кузмановска и Тодор Конески 10.06.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни