Четири пожари на отворен простор и натаму се активни во земјава, додека два се ставени под контрола, информира Центарот за управување со кризи. До 7:30 часот денеска биле регистрирани вкупно 33 пожари, од кои 27 се целосно изгаснати.
Активни пожари има во четири општини. Во Чашка гори кај селото Јаболчиште, на местото „Биков Гроб“, каде е зафатена букова и дабова шума, како и кривуљ и ниска вегетација.
Пожар е активен и во општина Липково, кај селото Стрима, на местото „Гури Куќ“, каде гори борова шума и ниска вегетација. Во општина Прилеп активен е пожарот кај селото Дрен, каде е зафатена мешана шума, додека во општина Дебар гори шума кај селото Горно Косоврасти, на местата „Крушно и Вложно“.
Под контрола се ставени пожарите во општина Студеничани, меѓу селата Драчевица и Цветово, на местото „Калдиред“, каде гори ниска вегетација, како и пожарот на депонијата „Краста“ во општина Куманово.
Од вкупно 33 регистрирани пожари, 27 се изгаснати. Меѓу нив има пожари на ниска вегетација, шума, стрништа, отпад и грмушки во повеќе општини, меѓу кои Скопје, Студеничани, Бутел, Дебар, Дебарца, Прилеп, Кривогаштани, Битола, Тетово, Јегуновце, Теарце, Желино, Неготино, Струмица, Босилово, Куманово, Боговиње и Чашка.
Според ЦУК, дел од изгаснатите пожари биле регистрирани и на Дебарско Езеро, над Боговинско Езеро на Шар Планина, како и во повеќе земјоделски и шумски подрачја.