Трошоците за живот во септември останале на исто ниво како во август, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Иако на месечно ниво не е регистрирана инфлација, во споредба со септември минатата година трошоците се зголемени за 2,7 отсто.
Годишната инфлација кај храната и безалкохолните пијалаци изнесува 1,7 отсто.
Најголем годишен раст на трошоците е забележан кај алкохолните пијалаци и тутунот, каде што цените се зголемиле за 6,5 отсто. Следуваат рекреацијата, спортот и културата со раст од 6,3 отсто, како и рестораните и услугите за сместување со зголемување од 5,8 отсто.
Најмали годишни промени се регистрирани кај информациите и комуникациите, со раст од 0,4 отсто, и кај осигурувањето и финансиските услуги, со раст од 0,3 отсто.
Иако вкупната месечна инфлација во септември е нула, во структурата на трошоците има и зголемувања и намалувања.
Во однос на август, најголемо намалување на трошоците е регистрирано кај рекреацијата, спортот и културата за 3,7 отсто, а потоа кај транспортот за 3,4 отсто.
Намалување има и кај рестораните и услугите за сместување за 0,3 отсто, како и кај информациите и комуникациите за 0,1 отсто.
Од друга страна, најголем месечен раст е забележан кај покуќнината, опремата за домаќинствата и редовното одржување на домаќинствата, со 1,3 отсто.
Трошоците за храна и безалкохолни пијалаци, како и за лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги, се зголемиле за 0,5 отсто.
Раст на трошоците е регистриран и кај услугите за образование за 0,4 отсто, облеката и обувките за 0,3 отсто, додека здравствената заштита, домувањето, водата, електричната енергија, гасот и другите горива поскапеле за 0,2 отсто.
Кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците е регистриран најмал месечен раст од 0,1 отсто.