Европската унија гледа на инфраструктурното поврзување на Балканот како важен чекор кон поблиска интеграција на регионот, порача европската комесарка за проширување Марта Кос од Софија.
Кос, која пристигна на Меѓународната министерска конференција за Коридорот 8, истакна дека денес се работи на создавање подобри односи и посилни врски за иднината.
„Денес сме тука да работиме за подобри односи за утре“, изјави Кос.
Таа посочи дека Бугарија има значајна улога како порта кон Европа за регионот на Црното Море и Турција, додека земјите од Западен Балкан имаат важна поврзувачка улога.
„Бугарија е порта кон Европа за регионот на Црното Море, како и за Турција, а Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Србија и Црна Гора) играат многу важна поврзувачка улога“, рече Кос.
Според неа, во регионот во моментов се реализираат повеќе од 130 проекти, меѓу кои изградба на нови патни и железнички врски, како и подобрување на граничните премини.
Кос порача дека нејзината визија за проширувањето на ЕУ е уште поширока.
„Мојата визија е дека еден ден целиот Западен Балкан ќе биде дел од нашата Европа“, истакна европската комесарка.
Таа додаде дека со идното европско интегрирање на регионот, граничните премини и транспортните врски нема да го имаат истото значење како денес.
„Ќе бидеме една Европа. Една Европа што работи заедно – ова е визијата за која работам во Брисел, тука, во Софија, во Западен Балкан и, секако, во земјите-членки“, рече Кос.
Коридорот 8 го поврзува Јадранското со Црното Море, преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија, а опфаќа патни и железнички врски. Еден од клучните недовршени делови е железничкото поврзување меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Во ноември 2025 година, Софија и Скопје потпишаа договор за изградба на прекуграничен железнички тунел. На бугарска територија треба да се изгради дел од околу 2,4 километри од линијата од Гуешево до границата.
Коридорот 8 има значење и за безбедноста и воената мобилност, особено за поврзувањето на Црното и Јадранското Море.