Македонија

Средба Муцунски – Петрова во Софија како обид за обновување на дијалогот

Средба Муцунски – Петрова во Софија како обид за обновување на дијалогот

Во Софија денеска се одржува меѓународна конференција на министерско ниво посветена на развојот и стратешкото значење на паневропскиот Коридор осум, на која Македонија ја претставува министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. По завршувањето на форумот е потврдена и средба меѓу Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чалова, која се оценува како обид за обновување на дијалогот меѓу двете држави.

Според информациите од Софија, состанокот меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова Чалова е планиран „веднаш по завршувањето на меѓународната конференција посветена на Коридорот осум, односно околу четиринаесет и триесет минути по локално време“.

Муцунски во Софија ја предводи македонската делегација на меѓународната конференција на министерско ниво посветена на развојот и стратешкото значење на паневропскиот Коридор осум. На форумот присуствуваат претставници од Македонија, Италија, Бугарија, Косово и Романија. Бугарската министерка Петрова Чалова за бугарските медиуми изјавила дека Коридорот осум треба да се гледа „како единствен проект за поврзување, а не како збир на одделни инфраструктурни сегменти“.

Пред заминувањето за Софија, министерот Муцунски испратил порака дека „само со дијалог ќе ги решиме отворените прашања“. Средбата со Петрова Чалова доаѓа веднаш по посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Скопје. По тој состанок, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека, по нејзин совет, Муцунски испратил дипломатска нота до Софија со барање за средба со Петрова Чалова.

По состанокот со бугарската министерка, Муцунски треба да оствари средба и со европската комесарка за проширување и добрососедска политика Марта Кос. За пораките од таа средба, како и за деталите од разговорот меѓу министрите, најавени се дополнителни информации по изјавата за медиумите.

Конференцијата за Коридор осум започна пред половина час, а прес-конференцијата е закажана за 13 часот и 45 минути по локално време. Нови детали од средбите и пораките од Софија се очекуваат во следното информативно издание.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Стефанија Кузмановска и Тодор Конески 10.06.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни