Македонија

Грозданова: Прекинот на БСЖ вакцинацијата е привремен, се истражува поврзаноста со пријавените случаи во Хрватска

Грозданова: Прекинот на БСЖ вакцинацијата е привремен, се истражува поврзаноста со пријавените случаи во Хрватска

Проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ објасни зошто беше донесена одлука за привремен прекин на вакцинацијата со БСЖ вакцината во земјава.

Грозданова посочи дека Комисијата била информирана од хрватските колеги за четири суспектни случаи кај деца, кои се поврзуваат со примањето на БСЖ вакцината. Станува збор за случаи на воспаление на зглобовите и коските, односно остеомиелитис.

„Тоа беше доволен сигнал за нас“, рече Грозданова, објаснувајќи дека Комисијата веднаш се состанала и ги разгледала информациите добиени од Хрватска.

Одлуката за привремено одложување на вакцинацијата била донесена поради тоа што, според Грозданова, истите серии на вакцината кои биле предмет на сомнеж во Хрватска се користеле и во Македонија.

Препораката на Комисијата била доставена до Министерството за здравство, по што била прифатена и споделена со здравствените установи, особено со родилиштата.

Грозданова нагласи дека прекинот е времен и ќе трае додека не заврши истрагата на пријавените случаи.

БСЖ вакцината што се користи во земјава е произведена од бугарскиот производител „Булбио“. Таа посочи дека производителот со години ја снабдува со БСЖ вакцина земјите од регионот, меѓу кои Македонија, Хрватска, Унгарија и Романија.

Во истрагата, како што рече Грозданова, се вклучени производителот, експерти од Светската здравствена организација и Европската агенција за лекови, со цел да се утврди што точно се случило и дали постои причинско-последична поврзаност меѓу вакцинацијата и здравствените состојби пријавени во Хрватска.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни