Новороденчињата кај кои во периодов не е аплицирана БСЖ вакцината можат безбедно да ја одложат вакцинацијата, порача проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Грозданова посочи дека вакцинацијата може да се одложи до околу една година, додека траат испитувањата и се обезбедуваат дополнителни количини вакцини од друг производител.
Таа воедно упати порака до родителите чии деца се родени во последните месеци или години, нагласувајќи дека нема причина за страв или преземање дополнителни мерки доколку кај детето нема симптоми.
„Да добијат вистинската информација“, порача Грозданова, предупредувајќи дека во вакви ситуации често се шират непроверени информации кои можат да предизвикаат поголема загриженост од самата состојба.
Според неа, родителите не треба да ги носат децата на дополнителни снимања или испитувања само поради информациите за случувањата во Хрватска.
Таа објасни дека евентуалните промени би биле релативно очигледни и би можеле да се забележат и при редовните лекарски прегледи.
„Не треба да прават ништо, не треба да ги носат на снимање, не треба да се оптоваруваат“, рече Грозданова, додавајќи дека доколку постои каква било промена, таа може да биде забележана и при редовните, вклучително и ортопедските прегледи.
Иако нагласи дека нема простор за паника, проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.посочи на неколку симптоми на кои родителите треба да обрнат внимание.
Доколку детето има болки при движење, отекување на зглобовите или висока температура, родителите треба да се консултираат со педијатар.
„Далеку од тоа дека треба да се грижат“, рече Грозданова, нагласувајќи дека во моментов нема причина родителите да преземаат дополнителни медицински процедури кај децата кои се без симптоми.