Мајката на судијата Ѓоко Ристов, Донка, на судењето го објаснила потеклото на 350.000 евра што полицијата ги пронашла вкопани во ѕид. Според нејзиниот исказ, парите биле заштедени со години од продажба на земјоделски производи. „Куќата ја изградивме седумдесет и пета година и оттогаш си имав тајно место каде ги криев парите од продажбата на бостан, дињи и пиперки“, изјавила таа.
Донка навела дека со сопругот Здравко земјоделските производи ги продавале на пазари низ земјава, а заработените пари најпрво ги менувале во германски марки, а подоцна во евра, кои ги чувале во ѕидот. Таа рекла и дека немале доверба во банките, додека за приходите воделе евиденција во тетратка. Сличен исказ, според транскриптот, дал и таткото на судијата.
Обвинетиот Ѓоко Ристов и неговиот брат, како што беше пренесено, тврдат дека нивните родители не знаеле за парите со кои сакале, „како што велат, да си купат кревет во геријатрија“. Во судницата се осврнале и на веродостојноста на сведочењата на родителите. Во изјава пренесена во прилогот беше наведено: „Зборува и сведочеа за настани и за факти, но тие исти не наоѓаат никаква потреба, поткрепа во останатите докази и материјални и сите други обезбедени. Но, повторувам, тоа се родители и таму маргината на веродостојност и емоција е јасна. Станува збор за родители и дете.“
На рочиштето исказ дал и крим-техничар од Неготино, кој за време на претресот, освен фотографирањето, учествувал и во евидентирањето на пронајдените пари. Тој рекол дека не носел форензичко одело ниту натикачи на чевлите, но имал заштитни ракавици. Токму поради тоа, одбраната тврди дека доказите се контаминирани.
Во прилогот беше пренесен и став на одбраната дека на 29 декември Ѓоко Ристов бил присутен за време на претресот и помагал, поради што, како што велат, оставил ДНК траги. „Ви кажаа дека на дваесет и деветти декември Ѓоко Ристов бил присутен и помагал при тогашниот претрес и оставил ДНК траги, па нашите вештаци ќе ви објаснат зошто нема едни траги, зошто има други траги и како е вештачено“, беше наведено во транскриптот.
На Ристов му се суди за незаконско стекнување и прикривање имот.