Македонија

Средба во Софија без пробив: Дијалогот ќе продолжи, условите остануваат исти

Средба во Софија без пробив: Дијалогот ќе продолжи, условите остануваат исти

Конструктивна средба меѓу министрите за надворешни работи Муцунски и Петрова Чомова се одржа во Софија, со фокус на евроинтегративните перспективи на земјата. Според пораките од состанокот, не се решени суштинските прашања, а позициите на двете држави и натаму остануваат „дијаметрално спротивни“.

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски порача дека, и покрај длабоките разлики, разговорите мора да продолжат. „Дијалог по сите прашања од заемен интерес мора да има, бидејќи доколку нема дијалог, никако нема да има решение“, рече Муцунски. Тој додаде дека самиот дијалог не е гаранција за решение, затоа што „двете држави имаат позиции коишто се навистина различни и сè уште многу спротивставени или далечни“.

Од македонска страна беше повторен ставот дека прашањата за јазикот, културата и идентитетот не треба да го оптоваруваат евроинтегративниот процес. „Ставот на Владата останува ист. Прашањето за јазикот, културата и идентитетот не смеат да го оптеретуваат нашиот евроинтегративен пат“, нагласи Муцунски.

Бугарската министерка за надворешни работи Петрова Чомова посочи дека Бугарија не може да даде гаранции за понатамошно неблокирање на македонските евроинтеграции. Според неа, „најдобрата гаранција е исполнувањето на она што е во преговарачката рамка“. Таа подвлече дека Софија нема други очекувања освен оние што се содржани во преговарачката рамка од 2022 година и дека тие треба да бидат исполнети.

„Ни една земја членка не може да даде гаранции на кандидатката, но може да даде политичка подготвеност да се придружува на условите во преговарачката рамка“, рече Петрова Чомова. Воедно, таа оцени дека е важно да се соработува во области каде што тоа е можно, изразувајќи надеж дека таквиот пристап ќе отвори простор за поголема соработка.

На конференцијата во Софија беше отворено и прашањето за Коридорот Осум. Пораката од собирот е дека политичката посветеност кон овој проект треба да се претвори во конкретна реализација и инвестиции. Во обраќањата беше истакнато дека проектот не е само транспортна врска, туку и поширока платформа за економска, енергетска, безбедносна и регионална поврзаност, што може да придонесе и за добрососедските односи.

Европската комесарка за проширување Марта Коса нагласи дека проширувањето останува еден од стратешките приоритети на Унијата. Таа порача дека многу држави делат историја, но дека фокусот треба да биде ставен на иднината и на заедничките цели. Следниот состанок во истиот формат е најавен за почетокот на следната година во Скопје.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни