Во земјава се најавува воведување на заштита против респираторниот синцицијален вирус (РСВ), особено за новороденчињата кои се во ризичните категории. Ова го најави проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Грозданова објасни дека РСВ е вирусно респираторно заболување кое може да предизвика сериозни компликации, а во одредени случаи може да биде и животозагрозувачко кај новороденчињата.
Особено ризични, според неа, се предвремено родените деца, новороденчињата со мала родилна тежина, како и бебињата кои се раѓаат во периодот кога вирусот сезонски циркулира.
„РСВ, исто како грипот, на некаков начин се јавува сезонски“, рече Грозданова, потсетувајќи дека минатата година била забележана особено тешка сезона со РСВ.
Заштита преку моноклонални антитела
Грозданова појасни дека кај новороденчињата заштитата од РСВ се спроведува како имунопрофилакса со моноклонални антитела, а не како класична вакцинација.
Таа посочи дека интерес за ваквата заштита веќе постои и кај родителите, од кои дел самостојно се обидуваат да обезбедат препарат од странство.
„Родителите, гледам дека се запознаени, па дури дел од нив и набавуваат од Грција“, рече Грозданова.
Според неа, потребно е Министерството за здравство да обезбеди ваква заштита барем за одредена група ризични новороденчиња.
Таа нагласи дека за воведување на ваквата имунопрофилакса постојат и епидемиолошки податоци за инциденцата на РСВ, додека лекарите кои директно ги третираат пациентите ги гледаат последиците од инфекцијата.
Грозданова оцени дека обезбедувањето на заштита преку здравствениот систем би било и поекономично отколку родителите индивидуално да ја набавуваат.