4NEWS.mk

Бакарот е во фокусот на 19 стратешки проекти на ЕУ – Македонија сè уште не го користи целосно својот потенцијал

Бакарот е во фокусот на 19 стратешки проекти на ЕУ – Македонија сè уште не го користи целосно својот потенцијал

Бакарот е една од клучните суровини во новиот пакет од 46 стратешки проекти на Европската Унија за критични минерални суровини. Дури 19 проекти го вклучуваат овој метал, што ја нагласува неговата важност за европската индустрија и напорите на Унијата да обезбеди посигурни синџири на снабдување.

Додека европските земји развиваат проекти за ископ, преработка и рециклирање на критични суровини, Македонија сè уште не го искористува во целост потенцијалот на сопствените минерални ресурси. Меѓу најнапредните домашни инвестиции во оваа област е проектот за бакар и злато „Иловица-Штука“.

Проектот неодамна беше предмет на критики од дел од активистите на јавната расправа за нацртот на Просторниот план на Македонија. Во исто време, локалната иницијатива „И Здравје и Работа“ ја истакна потребата од сериозна и аргументирана дебата за можностите за одговорно искористување на минералните ресурси.

„Кога дебатата за рударството се сведува на политички пароли и категорично отфрлање на нови инвестиции, без сериозно разгледување на фактите, државата ризикува да се откаже од развојни можности, а граѓаните од потенцијални работни места и економски перспективи“, соопштија од иницијативата.

Од вкупно 46-те стратешки проекти на ЕУ, осум се однесуваат на ископ, 11 на преработка, а 19 на рециклирање. Дополнително, осум се интегрирани проекти: три ги комбинираат ископот и преработката, а пет преработката и рециклирањето.

Проектите ќе имаат пристап до механизми за финансирање со европски средства, а за нив е предвидена забрзана постапка за издавање дозволи, во согласност со Актот на ЕУ за критични суровини.

За Македонија, европските приоритети отвораат прашање како сопствените минерални ресурси да се претворат во развојна можност, со почитување на законските процедури, стручните анализи и стандардите за заштита на животната средина.

„Комисијата ги оцени тие пријави во однос на нивниот придонес кон безбедноста на снабдувањето на Унијата со стратешки суровини, техничката изводливост, одржливото спроведување и прекуграничните придобивки“, соопштија од ЕК.

Во проектите доминира бакарот. Овој метал ќе се експлоатира од рудници во Грција (проектот „Скуриес“), Шпанија (проектот „Кобре Сан Рафаел“), Финска (проектот „Суханко“ и проектот за рудникот „Хауталампи“), Полска ( проектот за рудник „Ретков-Гродишче“) и Шведска (проектот за рудник „Вискарија“). Бакар ќе се преработува и во Бугарија (проект Пирдоп) и Белгија (проект OREON), а ќе се рециклира во уште единаесет постројки во Полска, Италија, Германија, Грција, Белгија и Холандија. 

„Со овој втор бран на стратешки проекти, Европа ги засилува своите напори како никогаш досега за да ја врати својата сувереност над критичните суровини. Ги користиме сите расположливи средства за отворање на рудници, развивање на нашите капацитети за преработка и рециклирање и обезбедување на нашите синџири на снабдување. Нашиот пристап е едноставен: намалување на зависноста и зголемување на производството во Европа. Ги имаме ресурсите, проектите и финансиските средства – сега го забрзуваме темпото“, изјави Стефан Сежурне, извршен потпретседател на ЕК за индустриска стратегија.

Македонија се очекува да препознава стратешки проекти во рударството по усвојувањето на најавените нови закони за рударство и за геологија, кои предвидуваат и Листа на критични минерали. Претходно од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информирајќи за усвоената Стратегија за минерални суровини 2026-2046,  истакнаа дека Македонија располага со разновиден геолошки потенцијал, меѓу кој има олово, цинк, бакар, злато, антимон и никел, како и мермер, травертин, гранит и варовник.

„Еден од главните приоритети е поголем дел од економската вредност да се создава во земјата. Тоа подразбира поголема поврзаност на рударството со домашното производство, развој на преработувачки и други индустриски капацитети и примена на современи технологии. Паралелно, се поставуваат повисоки стандарди за заштита на животната средина, транспарентност и заштита на јавниот интерес. Стратегијата е усогласена со европските политики, вклучително и Европскиот акт за критични суровини, што создава можности за поголемо вклучување на Македонија во европските индустриски синџири“, соопштија од Министерството.

Инаку, стратешките проекти на ЕУ утврдени со првиот повик во 2025-тата година веќе напредуваат кон целта да станат оперативни. Досега, 25 стратешки проекти ја завршиле проценката на влијанието врз животната средина, а 17 добиле градежна дозвола, благодарение на постоењето на единствени контакт-точки во земјите на Унијата кои помагаат да се забрзаат постапките за издавање дозволи.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни