Македонија

„Ние имаме по закон стапче ама да го набавиме во Македонија, а во Македонија го нема“ – слепите лица се соочуваат со бројни пречки во секојдневниот живот

„Ние имаме по закон стапче ама да го набавиме во Македонија, а во Македонија го нема“ – слепите лица се соочуваат со бројни пречки во секојдневниот живот

Недостапни здравствени услуги, недостаток на помагала, несоодветна инфраструктура и административни процедури кои постојано се повторуваат. Ова се само дел од проблемите со кои секојдневно се соочуваат слепите лица во Македонија, сведочат Весна и Зоран, брачен пар кој веќе три децении живее без вид.

„Слепите лица во општеството сме како невидливи за системот. Инфраструктурата е недоволно адаптирана, браево писмо за основно информирање ретко каде има“, велат тие, посочувајќи дека и покрај ограничувањата, се трудат да живеат исполнет живот.

Еден од најголемите предизвици, според нив, е пристапот до здравствената заштита. Долгото чекање за прегледи, ограниченото работно време на личните асистенти и неможноста да имаат придружба при болничко лекување дополнително го отежнуваат користењето на здравствените услуги.

„Најголем проблем ни е здравството. Премногу се чека, а нашите асистенти се со ограничено време“, објаснуваат Весна и Зоран.

Помагалата тешко достапни, а социјалната поддршка недоволна

Брачниот пар укажува и на проблемите со обезбедувањето основни помагала за слепите лица. Според нив, Македонија заостанува зад земјите од регионот кога станува збор за финансиската поддршка и достапноста на помагалата.

Како пример го посочуваат белиот стап, кој е основно средство за самостојно движење на лицата со оштетен вид.

„Ние, за жал, стоиме најлошо на Балканот, буквално и во социјалните парични додатоци, во помагала стоиме апсолутно лошо. Ние имаме по закон стапче, ама да го набавиме во Македонија. Во Македонија го нема“, велат тие.

Дополнителен товар се административните постапки низ кои мора да поминуваат за да ги остварат своите права.

Весна и Зоран сметаат дека е неоправдано лицата со трајно слепило секоја година повторно да излегуваат пред комисија за да го продолжат правото на туѓа нега.

Освен специјалистичкиот наод со кој се потврдува слепилото, од нив се бара и дополнителна документација, меѓу која и Бартелов индекс, за кој, како што наведуваат, треба да платат околу 570 денари.

Личните асистенти заминуваат поради нерешен работен статус

Голем проблем претставува и недостигот на континуитет во личната асистенција. Весна раскажува дека досега сменила шест лични асистенти, бидејќи, според неа, тие немаат соодветно регулиран работен статус, здравствено осигурување и пензиски стаж.

Поради ваквите услови, асистентите често ја напуштаат работата, а слепите лица остануваат без поддршката на која се навикнале и која им е неопходна за секојдневното функционирање.

Весна апелира институциите да најдат трајно решение за вработување на личните асистенти, со што би се обезбедила постабилна и поквалитетна услуга.

Проблеми и во образованието и при вработувањето

Лицата со оштетен вид се соочуваат со пречки и при образованието и барањето работа. Според соговорниците, младите слепи лица тешко доаѓаат до вработување, што дополнително ја зголемува нивната финансиска зависност.

Како пример за ограничената достапност на образовни материјали, во сведоштвото се посочува основното училиште „Свети Климент Охридски“ во Градов, за кое се наведува дека е единственото што располага со учебници на браево писмо.

Весна и Зоран порачуваат дека на слепите лица не им е потребно само формално признавање на правата, туку и создавање реални услови за нивно остварување.

Нивните сведоштва отвораат прашања за пристапноста на јавните институции, квалитетот на социјалните услуги и можностите за самостоен и достоинствен живот на лицата со оштетен вид во Македонија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Марина Малиш Саздовска 13.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни