Малолетници зад воланот, возачи под дејство на алкохол и лица кои управувале возило и покрај активната забрана – полицијата во изминатото деноноќие лишила од слобода 11 возачи на различни локации низ државата поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, петмина од приведените управувале возило без положен возачки испит. Меѓу нив се 23-годишната А.Џ., Е.З. (26), Б.Д. (51) и 16-годишник, сите од Скопје, како и 14-годишник од селото Добрино, скопско.
Двајца возачи биле затекнати како управуваат патничко возило под дејство на алкохол. Станува збор за М.С. (42) од селото Уларци, Општина Чешиново – Облешево, и Д.Е. (64) од Неготино, кој предизвикал и сообраќајна незгода со материјална штета.
Дополнително, тројца возачи управувале возило и покрај тоа што имале активна забрана за управување. Станува збор за А.С. (36) од Битола, Р.Р. (26) од кичевско и М.Д. (21) од Кавадарци, кој бил и под дејство на алкохол.
Меѓу приведените е и М.Н. (34) од Црна Гора, кој управувал патничко возило со брзина поголема од дозволената.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од полицијата апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не управуваат возило без положен возачки испит, со активна забрана или под дејство на алкохол, со цел заеднички да придонесат за поголема безбедност на патиштата.