Свет

Три лица загинаа, четворица исчезнати во поплавите во Истанбул

Три лица загинаа, четворица исчезнати во поплавите во Истанбул

Обилните врнежи од дожд предизвикаа сериозни поплави во Истанбул, при што најмалку три лица го загубија животот, а четири се водат за исчезнати. Излевањето на водотеците поплави домови, деловни објекти и патишта, додека спасувачките екипи во текот на ноќта евакуираа граѓани од загрозените подрачја.

Канцеларијата на гувернерот на Истанбул соопшти дека меѓу загинатите е 34-годишен маж, кој починал во болница откако паднал и ја удрил главата на тротоарот додека се обидувал да ја премине улицата. Четиринаесетгодишно момче загинало од електричен спој во водата во населбата Фатих, објави Си-ен-ен Турк.

Телото на третата жртва било пронајдено заглавено во греда на мост во близина на паркот Садабат, во населбата Кагитане. Идентификацијата на починатото лице е во тек.

Во текот на ноќта, спасувачките екипи интервенирале на повеќе локации, евакуирајќи жители и работници кои останале заробени во поплавените објекти. Во акциите биле користени тешка механизација и чамци.

Една од најтешко погодените области е Кагитане, каде што истоимената река се излеала од коритото и ги поплавила историската џамија Садабат, нејзиниот двор и околните згради.

Последиците од невремето биле видливи и долж брегот на Босфорот. Морската вода на одредени места добила кафеава боја поради наносите од кал што дождовите ги донеле од копното. Промената била особено забележлива кај Еминону, а заматената вода се проширила и до подрачјето пред палатата Топкапи.

Според Центарот за координација на вонредни состојби во Истанбул (АКОМ), во населбата Бејкоз, од полноќ во вторникот до 7:30 часот утрото, биле измерени 269,5 литри дожд на квадратен метар.

Вршителот на должноста градоначалник на Истанбул, Нури Аслан, за агенцијата Анадолија изјавил дека градот се соочил со еден од најсилните дождовни бранови во последните години. На одредени локации биле измерени меѓу 130 и 273,1 литри дожд на квадратен метар, при што најпогодени биле подрачјата околу Босфорот и северните делови на европската страна од градот.

Врнежите започнале во вторникот, а дополнително се засилиле во текот на вчерашната вечер. Бројни улици и подвозници биле поплавени, возила останале заглавени во водата, а дел од жителите биле блокирани во своите домови и на работните места.

Спасувачките служби продолжуваат со активностите на терен, додека надлежните институции ги утврдуваат последиците од невремето и продолжуваат да трагаат по исчезнатите лица.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Марина Малиш Саздовска 13.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни