Европската комисија планира до крајот на 2026 година да го објави третиот повик за пријавување стратешки проекти за критични минерали. Целта е да се забрза реализацијата на ваквите инвестиции преку поедноставени постапки и предвидливи рокови за издавање дозволи.
Од Европската комисија информираат дека, согласно Директивата за критични суровини, постапките за издавање дозволи не треба да надминуваат 27 месеци за проекти за експлоатација и 15 месеци за другите видови проекти. Во земјите членки се воспоставени и единствени контакт-точки кои им помагаат на инвеститорите низ административните процедури.
Во Северна Македонија, пак, проектот за бакар во Иловица сè уште не е реализиран, иако од издавањето на дозволата за геолошки истражувања во 2004 година поминале повеќе од 22 години. Подоцнежните истражувања покажале потенцијал за просечно годишно производство до 16.000 тони бакар, додека предвидениот животен век на рудникот е 23 години.
Инаку, како што додаваат од Брисел, стратешките проекти за критични минерали мора да бидат во согласност со важечкото законодавство на ЕУ и националното законодавство во областа на животната средина. Побрзото издавање дозволи има за цел да ги направи постапките поефикасни и попредвидливи, а не да ги намали еколошките или социјалните стандарди, бидејќи тие се исто така дел од критериумите што се користат за проценка на проектите за добивање статус на стратешки проект. Од Комисијата информираат и дека активно се работи на основањето на единствен Центар за критични минерали на Европската Унија.
„Ги утврдуваме подготвителните работи за Центарот за управување со ресурси на ЕУ. Комисијата ќе соработува со ко-законодавците за најдобро да го дефинира потребниот правен мандат за функциите што ќе ги извршува Центарот, вклучително и неговата улога во поддршката на стратешки проекти, складирањето, финансирањето и анализата на синџирот на снабдување. Како што претходно најави претседателката Фон дер Лајен, Европската корпорација за критични суровини ќе ги здружи јавните и приватните инвестиции, придонесувајќи за оперативниот капацитет што му е потребен на Центарот за да ги постигне целите на ЕУ за безбедност на снабдувањето, диверзификација и поддршка на критичните индустрии“, соопштија од Комисијата.
Веста дека ЕУ ќе објави трет повик за стратешки проекти за критични минерали, беше објавена веднаш штом беа избрани 46-те проекти од вториот повик, па сега севкупно се 106. Ваквите активности ги поздрави и Европската асоцијација за рударската индустрија.
„Патот кон европската автономија е поплочен со критични суровини. За да ја обезбедиме нашата иднина, мораме да ги усогласиме нашите еколошки амбиции со практична посветеност на домашното производство и поедноставени инвестициски процеси“, изјави Ролф Куби, генерален директор на „Еуромајнс“.
Во соопштението од ЕК се заклучува дека Унијата не може, ниту пак има за цел, дома да ги произведува сите суровини што ѝ се потребни – „увозот и понатаму ќе претставува важен дел од снабдувањето на Европа“. Според нив, целта е да се зголемат европските капацитети, да се диверзифицираат изворите на снабдување и да се намали прекумерната зависност од поединечни добавувачи.