Високите трошоци за домување оставаат сè помалку пари за секојдневниот живот во голем број европски градови. Во 11 од анализираните 28 градови, една просечна месечна нето-плата не е доволна за изнајмување трособен стан во центарот, а најизразен е проблемот во Лисабон, каде што на двојка со две просечни плати ѝ остануваат само 253 евра по плаќањето на киријата.
Ова го покажува истражувањето „Mapping the World’s Prices 2026“ на Дојче банк, кое ги споредува просечните нето-плати и трошоците за изнајмување станови во 28 европски градови. Во пресметките се зема предвид домаќинство во кое двајцата партнери заработуваат по една просечна локална плата.
Во Лисабон просечната нето-плата изнесува 1.408 евра, додека месечната кирија за трособен стан во центарот достигнува 2.561 евро. По плаќањето на станарината, на двојката ѝ остануваат само 253 евра за храна, сметки, превоз и сите други потреби.
Слична финансиска притиснатост се забележува и во други европски градови. Во Истанбул на двојка ѝ остануваат 353 евра по плаќањето на киријата, во Милано 697 евра, а во Атина 1.148 евра.
На спротивниот крај од листата се швајцарските градови, каде што високите плати овозможуваат поголема финансиска сигурност и покрај скапото домување. Во Цирих, иако киријата за трособен стан во центарот изнесува 5.502 евра, на двојка со две просечни плати ѝ остануваат 9.140 евра месечно. Во Женева преостануваат 8.783 евра, а во Луксембург 5.890 евра.
Разлики има и меѓу најголемите европски метрополи. Во Берлин, по плаќањето на киријата, на двојка ѝ остануваат 3.554 евра, додека во Париз сумата изнесува 3.336 евра. Иако просечните плати во Париз се повисоки, пониската станарина во германската престолнина влијае врз износот што им останува на домаќинствата.
Покрај Лисабон, Истанбул, Милано и Атина, меѓу градовите во кои една просечна плата не е доволна за киријата за трособен стан во центарот се Лондон, Мадрид, Барселона, Рим, Даблин, Прага и Будимпешта.
Притоа, истражувањето не ги опфаќа трошоците за храна, комунални услуги, превоз и другите секојдневни потреби. Тоа значи дека парите што остануваат по плаќањето на киријата не се целосно расположлив приход за штедење или дополнително трошење.
Скопје не е опфатен во анализата на Дојче банк, па податоците не овозможуваат директна споредба со главниот град на Македонија. Сепак, според септемвриската синдикална минимална кошница, на едно четиричлено семејство му биле потребни 69.432 денари месечно, а доколку живее во изнајмен стан, пресметаните трошоци достигнувале 84.807 денари.
Податоците укажуваат дека висината на платата не е единствениот показател за животниот стандард. Значајна улога има и делот од приходите што домаќинствата мора да го издвојат за домување, по што треба да ги покријат сите останати основни трошоци.